/ Прочитано:

1.711

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА КРИМИНАЛОТ ОД ОМРАЗА: Потребно е да се обезбедат ефикасна истрага и гонење на злосторствата од омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави Годишниот извештај за криминалот од говор на омраза. Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2016 година опфаќа 70 инциденти кои се разработени според вид, локација, време на сторување, пристрасна мотивација, број на жртви и сторители и статус на случаите.

Според податоците во извештајот, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2016 година, биле регистрирани вкупно 70 злосторства од омраза. Најмногу од инцидентите биле регистрирани откако за нив известиле медиумите или Министерството за внатрешни работи, додека 3 од инцидентите биле пријавени од набљудувачите на МХК.

„35 инциденти беа потврдени преку контакт со полицијата, полициските билтени, медиумските известувања и средби со жртвите. 35 од инцидентите не беа потврдени, но сепак се вклучени во извештајот поради постоењето на индикаторите на пристрасност вклучувајќи: перцепција на жртва/сведок; коментари дадени на местото на настанот; разлика меѓу жртвата и сторителот според етничка основа; модел/зачестеност на претходни инциденти; природа на насилството; недостаток на други мотиви; и локација и време. Поконкретно, непотврдените инциденти беа вклучени поради добиената информација за местото на инцидентот (на пр. во етнички мешани населби и училишта, автобуски линии користени од припадници на различни етнички заедници, места на кои во минатото веќе се случиле злосторства од омраза итн.), видот на инцидентот (на пр. поголема група малолетници напаѓа една или повеќе)“, се посочува во извештајот на Комитетот.

Најголем дел од злосторствата, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет, се извршени од млади луѓе, вандали и ограбувачи. Жртвите и сторителите се најчесто припадници на различни етнички заедници (македонската или албанската), додека многумина од жртвите се со мароканско, сириско, ирачко и авганистанско етничко потекло.

Според заклучоците во извештајот, постои зголемување од 60% во бројот на инциденти во 2016 година, во споредба со 2015. Државата, велат од Комитетот, ги направи првите чекори во собирањето податоци за делата од омраза, иако собраните податоци не се достапни на јавноста и не е јасно дали властите ја разбираат разликата помеѓу говор на омраза и злосторство од омраза.

Бегалците и мигрантите, посочуваат од Хелсиншкиот комитет, што транзитираат преку територијата на земјата се изложени на голем ризик да станат жртви на злосторства од омраза.

„По намалувањето на бројот на инциденти помеѓу членови на македонската и албанската етничка заедница во 2015 година, бројот на ваквите инциденти во 2016 година е повторно во пораст. Некои злосторства од омраза се извршени како одмазда или казна за претходни инциденти и од страна на македонските и од страна на албанските младинци“, се истакнува во Годишниот извештај.

Според податоците, најмногу од инцидентите се случиле во Градот Скопје, но исто така и долж паневропскиот коридор Х, во близина на автопатот по кој бегалците и мигрантите се движат на својот пат до Европската Унија.

Политичките партии често користат говор на омраза за време на јавни дебати и во текот на предизборните кампањи што доведува до извршување на злосторства од омраза од страна на нивните поддржувачи.

Злосторствата мотивирани од пристрасност, нагласуваат од Комитетот, сè уште соодветно не се пријавуваат и истражуваат од полицијата, а се вложуваат многу малку напори во превентивни мерки, вклучувајќи едукација за човековите права и подигнување на јавната свест.

Во врска со препораките за спречување и справување со говорот на омраза, од Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека за време на состанокот на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи, одржан во Брисел на 5 и 6 декември, 2013 година, Советот ги објави заклучоците за борба против злосторствата од омраза во ЕУ.

„Како земја кандидат за членство во ЕУ, државата треба да ги следи препораките содржани во заклучоците кои генерално се во согласност со препораките содржани во Одлуката на Министерскиот совет на ОБСЕ бр. 9/09: Борба против злосторства од омраза и поглед на МХК“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Според препораките на кои упатува Хелсиншкиот комитет, во Република Македонија е потребно:

да се земе предвид искуството на земјите членки на ЕУ за проширување во рамките на нивното кривично законодавство, опсегот на казниви дела за злосторства од омраза и вклучување други мотиви за пристрасност за овие дела;

да се обезбедат навремена и ефикасна истрага и гонење на злосторствата од омраза, земајќи ги предвид мотивите за пристрасност во текот на целата кривична постапка;

да се преземат соодветни мерки за да се олесни пријавувањето злосторства од омраза од страна на жртвите и исто така, колку што е можно повеќе, да се зајакнат здруженијата за нивна поддршка, вклучувајќи и мерки за градење доверба кај полицијата и другите државни институции;

да се собираат и објавуваат сеопфатни и споредливи податоци за злосторства од омраза, колку што е можно повеќе, вклучувајќи го бројот на таквите инциденти пријавени од страна на полицијата и регистрирани од страна на органите на прогонот, бројот на пресуди, мотивите за пристрасност при овие злосторства и казните изречени на престапниците;

да се осигура дека на жртвите на злосторства од омраза им се понудени помош, поддршка и заштита;

да се промовираат обуки за релевантни практичари кои стапуваат во контакт со жртвите на злосторства од омраза, така што ќе им се овозможи ефикасно да им помагаат на жртвите; и

да се подобрат превентивните мерки, меѓу другото, размислувајќи за сеќавањата во текот на едукацијата на човековите права, наставните програми по историја и соодветните обуки, преземајќи чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната различност и инклузијата и целејќи сите делови на општеството да имаат улога во борбата против таквата нетрпеливост.

M.В