/ Прочитано:

987

Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош пред пратениците

Владата го поднесе Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош во Собранието на РМ. Во согласност со членот 35 од овој закон, Министерството за правда изготвува годишен извештај, во кој се содржани основните информации на кои се заснова правото на бесплатна правна помош, и тоа: законската рамка, статистичките податоци за бројот на поднесените барања, донесените решенија за одобрена правна помош, одбиените барања за бесплатна правна помош, видот на  правната работа за која се одобрени барањата,  давателите на бесплатна правна помош, обемот на средствата исплатени за одобрена правна помош и обемот на вратени средства од наплатени трошоци во постапката за извршување, деновите на бесплатен правен совет и споредбени статистички показатели.

„Од практична гледна точка, евидентно е дека сегашниот Закон за бесплатна правна помош предвидува кумулативно исполнување на доста строги услови со цел остварување на правото на бесплатна правна помош, па оттука се наметна потребата од негово разработување, при што најголем акцент се стави на реалните потреби на граѓаните, правните проблеми со кои најчесто се сретнуваат, како и утврдување на можностите за олеснување на условите за стекнување со правото на бесплатна правна помош. Поради тоа, Министерството за правда пристапи кон подготовки и изготвување на нов Закон за бесплатна правна помош и беше формирана работна група во Министерството за правда, во која активно учество земаа и претставници од други органи на државната управа, како што се претставници од Центарот за социјална работа Скопје, од Адвокатската комора на Република Македонија, од Министерството за внатрешни работи, од невладини организации и претставници од основните судови. Кон крајот на декември 2017 година, Законот беше подготвен како Нацрт-закон и е доставен во Владата во понатамошна процедура“, се наведува во Извештајот.

Во Република Македонија барањата за бесплатна правна помош може да се поднесат до подрачните одделенија на Министерството за правда. Во текот на 2017 година до подрачните одделенија биле поднесени вкупно 134 барања за остварување на правото на бесплатна правна помош.

Во периодот од 1.1.2017 година до 31.12.2017 година донесени се 113 решенија. Бројот на одобрените барања изнесува 74, а бројот на одбиените барања изнесува 39.

Од одобрените барања, 57 барања се поднесени од жени, додека од мажи се поднесени 18. Од одбиените барања 27 се поднесени од жени, додека од мажи се поднесени 13 барања. Во текот на 2017 година донесени се 13 решенија за запирање на постапката.

Воедно, во 2017 година поднесени се 24 барања за бесплатна правна помош од лица баратели на право на азил, од кои за 8 е донесенo решение за запирање на постапката, додека за другите постапка е во тек.

За давателите на претходна правна помош и правна помош во судски и управни постапки, Министерството за правда води регистри кои се објавени на неговата интернет-страница.

Во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се нови 20 адвокати, по што вкупниот број на запишани адвокати за давање на правна помош до крајот на 2017 година изнесува 338.

Од Буџетот на Министерството исплатени се вкупно 1.386.297,00 денари на 30 адвокати и на 6 овластени здруженија вклучени во постапката на давање на бесплатна правна помош.

На овластените здруженија за дадена претходна правна помош извршена е исплата на средства во износ од 26.400,00 денари, а исплатената награда  на адвокатите за дадена правна помош изнесува 1.359.897,00 денари.

Доверител, односно должник за наплата на трошоците во постапка на извршување, во согласност со Законот за извршување, е Република Македонија, односно Министерството. Барањето за извршување го поднесува Министерството. Вакви случаи во досегашната примена на Законот не се појавиле.

M.В