/ Прочитано:

3.357

Говорот на претседателот на АКРМ, Никола Додевски, на 72-годишнината од адвокатурата во РМ

Во рамки на свеченото одбележување на Деновите на македонската адвокатура, претседателот на АКРМ, Никола Додевски, говореше за проблемите со кои се соочуваат адвокатите и што може да се очекува во иднина во насока на подобрување на улогата на адвокатите во правосудството и општеството.

Говорот на претседателот на АКРМ, Никола Додевски, на 72-годишнината од адвокатурата во РМ го објавуваме со целост:

„Денеска би сакал да ги слушнете пораките на македонската адвокатура, но на сегашната, успесите и историјата ќе ги оставиме за некоја друга прилика. Денеска ќе зборуваме за тоа што очекуваме во иднина за да се подобри улогата на адвокатите.

Имав прилика во последно време да присуствувам на повеќе собири, особено во соседните земји, но и во други европски земји и многу често повеќе говорници посочуваат една реплика од Шекспировото драматуршко творештво. Се работи за драмата ‘Хенри VI’, во која при еден дијалог – како да се надминат некои состојби и државата да биде силна, добра, граѓаните да бидат задоволни, да се владее добро и лесно, дел од предлозите се да се зголеми вредноста на парите, а Дик Касапинот вели дека ‘прва должност ќе ни биде да ги убиеме сите адвокати’. Некако имам впечаток дека оваа реплика, во многу развиените држави, се смета за шега, а на овие простори, во овие држави,  стана мото на незадоволството од улогата и третманот на адвокатите како чинители за подобрување на позицијата за владеење на правото и на позицијата на клиентите за кои тие се обврзани да ги штитат.

Каква е состојбата во нашата држава, каква е состојбата со третманот на адвокатурата во Република Македонија… За жал, не многу подобра од другите држави каде што мотото е оваа реплика од Шекспировата драма, а тоа значи без адвокати или, пак, со негирање на улогата на адвокатите дека сè ќе биде полесно. Како тоа се прави кaј нас? Прво, со лоши закони. Со закони што се прават како за непријатели, а не за слободни граѓани кои треба да го почитуваат владеењето на правото во секој момент и како на тој што ги смислува законите тоа не може да му се случи. Со експериментални закони, кои првпат или кои неадекватно на овие простори се применуваат без претходна подготовка.  Тоа, за жал, го покажуваат и последните измени во кривичното право, особено во процесното законодавство во кои се применуваат закони кои не ги остваруваат вистинските цели, особено на одбраната во која, на пример, имаме супермоќен обвинител, а речиси целосно слаб бранител. Закони во кои силата е на една страна, а велите дека пледираме за рамноправност. Бараме овие закони да се изменат, бараме да се усогласат со Конвенцијата за заштита на човековите права и бараме навистина владеењето на правото да се одразува преку законите!

Втората работа е примената на законите, дури и таму каде што навистина се почитува владеењето на правото, каде што законите се во согласност со основните вредности и права, примената и третманот на адвокатурата се далеку од нејзината уставна позиција, која, за среќа, е дефинирана како независна, самостојна служба за нудење на правна помош.

Како тоа се манифестира? Ќе речете во секој посебен предмет, но и генерално, со третман кој адвокатурата ја става во позиција на неправедни критики, со издигнување на самостојните права на адвокатите до степен на стигматизација, на неосновани критики, па дури и на неосновани напади. Последен пример беше оној кога по 20 години на усогласување на адвокатската тарифа  во Македонија со трошоците на живот од последните 25 години, во јавноста наидовме на критики дека сега адвокатите имаат премногу високи тарифи итн. Да, адвокатите треба да имаат високи тарифи! Прво, за да ја зачуваат независноста во своето работење, а потоа  и за да можат да понудат квалитетна услуга, за да можат стручно и квалитетно и со помош на стручни лица да настапуваат во судница. Се надевам и апелирам на присутните, но и на тие што се во состојба тоа да го пренесат таму каде што треба, дека овие гледања за адвокатурата наскоро ќе бидат изменети и дека адвокатурата ќе биде независна  и од аспект на наплата на своите трошоци и од аспект на какво било влијание кое може да се оствари со тоа што ќе ви ги скратат трошковниците итн. Имаме пристап кон највисоките инстанци и очекуваме во тој правец одобрување, особено од Врховниот суд на РМ, кој по закон е надлежен да ги воедначува состојбите во примената на законите и адвокатурата конечно да биде ставена во позиција каде што никој нема неосновано да ги критикува адвокатите. Адвокатурата е професија која во Република Македонија вработува најмногу млади правници. Можам да ви кажам дека од адвокатурата во моментот живеат над 20.000 граѓани на Република Македонија.

Натамошните проблеми со кои се соочуваме се интересите на одредени мали групи, кои исклучиво поради свои интереси, се обидуваат на штета на квалитетот на давањето правна помош да приграбат дел од нашата работа. Денес има подобрување на законодавството во овој правец, но дали во практиката тоа е правецот што треба да се реализира.

Не е тајна ако кажам дека тие интересни мали групи се нотари, извршители итн., кои мислат дека адвокатурата е место каде што тие можат да приграбат што е можно повеќе, повторно на штета на квалитетот на правните услуги и правораздавањето. Се дисперзираат судски надлежности таму каде што не треба, се нудат хибридни решенија како што се артифициелните вонсудски спогодувања на извршители, кои за тоа ќе ви наплатат сериозни суми. Правото, на вас судиите, на кои ви се обраќам меѓу другите присутни, буквално ви го ставаат во калап, па дури и во одредувањето на кривичните санкции. Сметам дека адвокатурата е фактор кој може многу да помогне иницијативите што припаѓаат на овие правосудни органи навреме да стигнат пред  законодавниот дом.
Но, како и да е, да не испадне дека ја заборавивме почетната теза – се надевам дека во Република Македонија, но и надвор, и во следните седумдесетина години, убиството на адвокатурата ќе остане само во обид!“

СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА АДВОКАТУРА: „Повеќе од седум децении, адвокатите се бескомпромисен заштитник на човековите права“

М.В