/ Прочитано:

1.328

Градежната комора: Инвеститорите не можат да инвестираат во услови на правна неизвесност

Градежната комора на Македонија информира дека трендот на пораст на трошоците за градежни материјали, но и за вработените во градежните компании се случува во континуитет. Последните податоци на Државниот завод за статистика само ја потврдуваат состојбата и покажуваат дека трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал од минатата година, во однос на тој квартал од претходната година, се повисоки за 5,9 отсто, трошоците за материјали се повисоки за 3,2 отсто и трошоците за вработените се повисоки за 13 отсто.

„Поскапувањето е регистрирано во трите сегменти и точно е дека има поскапувања во сите сегменти за изградба на квалитетни станови, кои се енергетски ефикасни, асеизмички стабилни. Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни материјали меѓу 10 и 15%. Зголемувањето на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите за транспорт, прво за материјалите што се увезуваат,  но и за материјалите што се од домашно производство. Ако во изминатите години, исклучувајќи ги последните две, во делот на високоградбата имаше континуитет и стабилност, во сегашните услови на правната неизвесност инвеститорите не се во можност да инвестираат. Она што можеме да го очекуваме во следниот период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора.

Сериозните градежни компании ги следат најновите трендови во секторот и максимално градат според сите стандарди за да го задржат својот углед во  создавање на портфолио на квалитетни градби кои ќе ги користат следни генерации.

„Имплементацијата на квалитетни материјали, со примена на најновите трендови за изградба на енергетски ефикасни станови со врвен квалитет, чини повеќе, но долгорочно значи двојна заштеда. Во чекор со светските достигнувања во градежништвото, неопходно е следење и имплементација на најновите технологии и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата. Сето тоа чини време, средства и труд. Цената на становите во иднина ќе се движи во нагорна линија, и тоа зависи исклучиво од квалитетот на градбата,  локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент. Годината што измина беше една од најлошите години во секторот градежништво, а тоа го докажуваат и статистичките податоци“, изјави Јаќимовски.

Долгорочниот развој на секторот градежништво значи раст на сите 26 дополнителни стопански гранки поврзани со секторот, како и на севкупната национална економија.

Граѓанските активисти реагираат на решението на Уставниот суд за мораториумот во Центар

М.В