/ Прочитано:

1.356

Градежниот сектор ја засилува имплементацијата на стандарди

Претседателот на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Ивица Јакимовски, потпиша меморандум за соработка со проф. д-р Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и  проф. д-р Влатко Шешов,  директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).  Меморандумот подразбира заедничка работа во детектирање на предизвиците со кои се соочува секторот, изготвување на анализи и документи за потребните вештини кои ги бараат компаниите на пазарот на трудот и улогата на високото образование во креирањето на квалитетните човечки ресурси, како и засилена имплементација на стандарди.

„Целта на соработката е спојување на теоријата и праксата, воспоставување поголема синергија меѓу институциите, продуцирање на кадар кој ќе одговори на потребите на компаниите во градежниот сектор, заедничко следење на најновите трендови, како и успешна имплементација на квалитетот во изградбата, почитување на стандардите и одговорност на сите учесници во планирањето, проектирањето и изведбата на објектите“, изјави Јакимовски и додаде дека во следниот период се планирани дебати на кои ќе бидат поканети сите засегнати страни со цел успешна имплементација на заклучоците што ќе произлезат од дебатите.

Целосно почитување и примена на законските обврски за градба и ригорозна контрола, со максимално планска работа, е она на што треба да се посветува внимание.

„Ние како градежни компании за да реализираме одреден проект, неопходна е меѓусебната соработка со цел исполнување на законските стандарди, почнувајќи од образовен систем, формирање кадар, преку понатамошно изготвување на проекти и нивна реализација. Втората фаза во делот на реализација на проектот е делот во кој се надоврзуваме со ИЗИИС сè со цел квалитетна изработка на проектот и максимално постапување според проектната документација во текот на градењето, појасни Јакимовски.

Деканот на Градежниот факултет, Дарко Мославац, истакна дека со меморандумот за соработка се отвора дополнителна можност студентите да ја вршат праксата во реалниот сектор. Директорот на ИЗИИС, Влатко Шешов, потенцираше дека градежништвото има долги корени во нашата земја и дека успешната соработка треба да поттикне конкурентност и излегување на пазарите во светот, во регионот и во Европа.

M.В