/ Прочитано:

2.259

Граѓаните имаат право постојано да бидат информирани за работата на АВМУ и АЕК

Работата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)ја следат четири невладини организации. Во својот прв извештај, кој го опфаќа периодот октомври-ноември-декември 2016 година, невладините организации наведуваат дел од нивните забелешки кои се однесуваат на активностите на двете регулаторни тела. Она што е најважно во спроведувањето на повеќемесечниот проект, како што објаснуваат, е запознавање на граѓаните со работата и надлежностите на АЕК и на АВМУ.

Работата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите во РМ“, се следи од страна на четири невладини организации (ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Транспарентност Македонија, НВО Инфоцентар и Хелсиншки комитет). Во својот прв извештај, кој го опфаќа периодот октомври-ноември-декември 2016 година, невладините организации наведуваат дел од нивните забелешки кои се однесуваат на активностите на двете регулаторни тела.

Во однос на транспарентното работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар вели дека ова регулаторно тело редовно ја ажурира својата интернет страница со информации за своето тековно работење, но според неа недостасуваат содржини кои се однесуваат на претставки од граѓани.

„На интернет страницата на АВМУ во моментов нема содржини кои се однесуваат на претставките што ги поднесуваат граѓаните, односно нема никакви информации за тоа на што всушност се жалат граѓаните до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во овој дел регулаторното тело треба да биде потранспарентно. Очекуваме, а и од јавен интерес е АВМУ во текот на 2017 година да ја подготви новата стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност. Наша препорака е ова регулаторно тело да направи анализа на досегашното спроведување на новата законска регулатива“, вели Бејкова.

Во однос на работењето на Агенцијата за електронски комуникации, Горан Лазаров од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, истакна дека АЕК е помалку транспарентна во однос на другото регулаторно тело, односно нивната интернет страница не само што не се ажурира редовно, туку и недостигаат многу информации. Главна забелешка, според Лазаров, е тоа што на интернет страницата на АЕК не е објавен годишниот план за јавни набавки.

„АЕК доцни и со објавувањето на кварталните извештаи за развојот и состојбите на пазарот на електрокомуникациите, а исто така забележуваме и дека ова регулаторно тело нема лице задолжено за пристап до информации од јавен карактер, што претставува прекршување на законската обврска“, истакна Лазаров.

Она што е најважно во спроведувањето на повеќемесечниот проект, како што објаснуваат невладините организации, е запознавање на граѓаните со работата и надлежностите на АЕК и на АВМУ. За таа цел невладините организации изработија и промотивни видеоспотови во кои има детални информации за институциите.

„62 проценти од оние што гледаат телевизија сметаат дека од различни медиуми добиваат спротивни информации за ист настан. Колку пати сме се нашле во ситуација додека гледаме телевизија или слушаме радио да не можеме да разликуваме партии од личен став, обични информации од манипулација, говор на омраза или да следиме програма која не е соодветна на возраста за која е наменета.

Дали знаете дека има институција која е надлежна да го контролира сето ова, АВМУ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, дали знаете дека оваа институција меѓу останатото се финансира со пари од граѓаните. Кога плаќаме радиодифузна такса, 6 проценти од тие средства одат на сметката на агенцијата.

Поточно само во 2017 година таа сума е предвидено да изнесува 47 милиони денари во однос на 38 проценти од вкупниот буџет. Оваа година во буџетот на агенцијата дополнително ќе се слеат 8 милиони и 200 илјади денари од државниот буџет. Токму затоа имаме право да бидеме информирани за работата на оваа агенција и секако како активни и одговорни граѓани да влијаеме преку поднесување претставки за работата на одреден медиум.

Работата на агенцијата е да ги поттикнува развојот, слободата, независноста и професионалноста на медиумите, како и да ги штити нашите граѓански интереси. Оттаму таа треба да се грижи медиумите да известуваат вистинито и објективно, да поттикнуваат дијалог и дебата, како  и да не шират говор на омраза.

АВМУ треба да ја штити малолетната публика и да ја зголемува медиумската писменост. Затоа агенцијата како медиумски контролор има право да опоменува но и да доделува и одзема дозволи за телевизиско и радио емитување. Колку е оваа институција на висината на задачата? Според извештајот на ЕУ за 2016 година, таа станала поактивна во потсетувањето на медиумите за нивните законски обврски.“

Главната порака од сето ова, како што нагласија невладините организации, е дека граѓаните имаат право постојано да бидат информирани за работата на регулаторните тела на транспарентен и ефикасен начин.

А. Б.