/ Прочитано:

1.337

Граѓаните на едно место ќе можат да добијат услуги и информации од повеќе министерства и институции

Започна реализацијата на проектот „Една точка за услуги“, што ќе овозможи на едно место да се добијат повеќе услуги од повеќе министерства и државни институции, со што значително ќе се намали времето на чекање на граѓаните при добивање на услугите и ќе се придонесе за создавање на јавна администрација како вистински сервис на граѓаните.

Од МИОА велат дека веќе имаат проектирано решение за „Една точка за услуги“ во другите градови.

„Таму одиме еден чекор понапред и целосно ги укинуваме шалтерите. Граѓаните ќе седат на иста маса со вработените во институциите и ќе разговараат. Без бариери и рамноправно, непосредно, со основна човечка комуникација. Дел од овие канцеларии ќе се отворат со редефинирање на интернет-клубовите кои веќе постојат низ градовите, а таму каде што овие простории не ги исполнуваат потребните предуслови ќе биде обезбедено друго место“, рече Манчевски, кој подвлече дека со измените главната цел е да се смени лицето и имиџот на јавната администрација преку менување на начинот на кој граѓаните и фирмите ги добиваат услугите.

Шалтерот е првиот и најдиректниот контакт помеѓу граѓанинот и администрацијата. Затоа, инсистираме на непосреден контакт без добро познатите шалтерски бариери кои постоеја помеѓу граѓаните и вработените во администрацијата. За таа цел ги отстранивме и стаклата на шалтерите. Сите се исти и сите се еднакви. Администрацијата е сервис за граѓаните, а и вработените на шалтерите се дел од граѓаните“, образложува министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Со системот „Една точка за услуги“, кој е сместен на улицата „Димитар Влахов“ бр. 4, во старата зграда на „Комерцијална банка“, зад Уставниот суд,  граѓаните на едно место ќе можат да добијат неколку десетици  услуги и информации, и тоа од следните институции: Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

М.В