/ Прочитано:

1.276

Граѓански мониторинг на Народниот правобранител

„Народниот правобранител е најважната и клучна независна државна институција која треба да ги промовира, да ги штити и да ги унапредува човековите права на граѓаните во Република Македонија. Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамките на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.

Во овој период, главниот фокус на набљудувањето беше функционирањето на регионалните канцеларии на Народниот правобранител во Струмица, Битола, Штип, Куманово, Кичево и во Тетово, како и перцепцијата на новинарите и граѓанските активисти за степенот на отвореност, достапност и ефикасност на оваа институција.

Народниот правобранител е перципиран како транспарентна и отворена институција од страна на граѓаните, граѓанските активисти и новинарите. Сепак, досегашното искуство покажува дека граѓаните сѐ уште не се доволно информирани за неговите надлежности и неговата улогата во заштитата на човековите слободи и права.

Исто така, граѓаните сѐ уште не се убедени дека препораките и укажувањата на Народниот правобранител се доволно силни да ги натераат државните институции да не дискриминираат и да не ги кршат нивните права и слободи. Му забележуваат попустливост спрема поранешната власт, но констатираат дека во последните две до три години почнал подобро да функционира како заштитник на правата на граѓаните.

Новинарите и активистите сметаат дека доколку сака да ја засили сопствената репутација и ефикасност во заштитата и промоцијата на човековите права, Народниот правобранител мора да биде ослободен и отпорен на секакви политичко-партиски влијанија, да располага со независен буџет, да има соодветно кадровско екипирање. Народниот правобранител, исто така, треба да биде постојано на терен, да биде бескомпромисен, решителен и гласен, но и многу брзо и енергично да реагира на сите кршења на слободите и правата на граѓаните од страна на државните институции.

Што се однесува до регионалните канцеларии, тие не се соодветно екипирани, ниту технички ниту од аспект на бројот на вработени и нивната стручнoст, а постои и висок степен на зависност од главната канцеларија во Скопје. Ова се главните причини поради кои замениците на Народниот правобранител не се доволно препознатливи и проактивни во насока на стекнување доверба кај локалното население. Исто така, неможноста регионалните канцеларии да постапуваат по случаи во специјализираните области, како што се: правата на детето, недискриминацијата, превенцијата од тортура, уште повеќе ја засилува перцепцијата кај граѓаните дека за заштитата на нивните права единствено се надлежни лично Народниот правобранител и канцеларијата во Скопје.

Кога станува збор за соработката со државните институции, регионалните канцеларии на Народниот правобранител не се задоволни и од примената на нивните препораки, и тоа во прв ред од Министерството за внатрешни работи, локалните власти, Агенцијата за катастар, центрите за социјална работа и др.

Наодите од мониторингот на работата на Народниот правобранител беа презентирани и дискутирани на шест јавни дебати организирани во Тетово, Штип, Струмица, Битола, Кичево и во Куманово, на кои присуствуваа претставници од државните институции, граѓански активисти и новинари.

Мониторингот, со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија, ќе продолжи и во 2018 година, со посебен фокус на примената на препораките на Прибе и на Народниот правобранител од страна на државните институции“, се вели во соопштението на НВО Инфоцентарот.