/ Прочитано:

1.765

Граѓански организации бараат итно усвојување на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Граѓанските организации Македонско здружение на млади правници, Коалиција Маргини и Субверзивен фронт бараат итно разгледување и усвојување на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

„Ние, потписниците на писмото до пратениците во Собранието на РМ, бараме итно разгледување на Законот за спречување и заштита од дискриминација во Комисијата за труд и социјална политика, како и негово усвојување на пленарна седница во Собранието на РМ. Со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе се исполнат обврските на Република Македонија преземени пред Европската Унија, Советот на Европа и комитетите на Организацијата на обединетите нации, како и пред останати регионални и меѓународни тела за човекови права и слободи.

Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација обезбедува професионализација на работата на Комисијата за заштита од дискриминација,  подобро препознавање на сите облици и видови дискриминација, како и ефикасни и брзи постапки за заштита од дискриминација. Блокирањето на процесот за разгледување на Предлог-законот низ собраниските тела повеќе од 6 месеци претставува сериозно прашање во однос на непочитувањето на основните човекови права од страна на законодавниот дом во Република Македонија.

По изјавата на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи од минатата седмица, нејасно е зошто пратениците од ДУИ и од ВМРО – ДПМНЕ ја блокираат расправата по овој закон во матичната комисија, кога истите ги поддржаа измените на Кривичниот законик и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои во себе ги содржат сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од говор на омраза. Исто така, конфузијата создадена од изјавата на Османи е уште поголема затоа што во рамките на тековниот Закон за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација постапува по претставки за дискриминација врз овие основи. Всушност, и самото ретерирање во ставот на Османи по неколку дена од првичната изјава ни укажува дека има цврсти сомнежи дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет се само изговор за блокирањето на разгледувањето на законот и негово конечно усвојување“, соопштуваат граѓанските организации.

Законот за антидискриминација се соочува со опструкции во Собранието, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во собраниска процедура

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација презентиран во МТСП

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација прифатен во владина процедура

Објавен текстот на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Во подготовка Законот за спречување и заштита од дискриминација чиј текст ќе биде усогласен со меѓународните стандарди

Јавна дебата за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

М.В