/ Прочитано:

1.390

Граѓанските организации повикуваат на голем мировен марш за чист воздух

„Коалицијата за чист воздух О2“ и Првата детска  амбасада во светот „Меѓаши“, заедно со уште 18 граѓански, невладини организации, ги повикуваат граѓаните на мировен марш за правото на чист воздух кој ќе се одржи утре (четврток, 21 септември) од 17 часот низ повеќе булевари во Скопје. Почетна точка на акцијата е Владата на РМ, по што ќе се помине низ булеварот „Илинден“ и булеварот „8 Септември“ каде што учесниците ќе се спојат со партнерските граѓански организации  „Ние сме Карпош 4“ и „Карпош 3“, кои исто така ќе имаат мирен протест.

„Сметаме дека токму овој период е исклучително важен за да се чуе гласот на граѓаните кои буквално, во сите поголеми градови во Македонија, Скопје, Тетово, Битола, Кичево, Струга, Куманово, Кавадарци директно ги чувствуваат последиците на токсичниот воздух. Сметаме дека овој период е особено важен пред новите локални власти да се позиционираат, за да можат сериозно да го сфатат проблемот и заедно со централната власт да можат да преземат итни, но и краткорочни, а понатаму и систем на долгорочни мерки за решавање на проблемот“, вели изјави Ели Пешева од „Коалицијата О2“.

„Коалицијата О2“ имаше средби со повеќе  граѓански  иницијативи  и  организации, близу 20 и досега се дефинирани мерки кои веќе се доставени до Министерството за животна средина, а ќе бидат доставени и до сите кандидати за градоначалници, од сите партии, во обид тие да бидат реализирани во текот на нивните потенцијални мандати.

Истражувањата на Светската здравствена организација за 2012 година покажаа дека аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2013, пак, смртта на 3360 лица ја припишува на изложеноста на ПМ-2.5 честици. Една од најпогодените категории од проблемите со воздухот се децата.

„Децата имаат право на чист воздух. Децата имаат право на здрава животна средина. Aерозагадувањето е еден од главните фактори за смртност кај децата. Алергии, астма, бронхит и низа други респираторни болести, ова се само дел од последиците по здравјето на младите како резултат на енормно загадениот воздух. Загадувањето на воздухот е еден од главните фактори за смртност кај децата. Со загадувањето, на децата им е нарушено најелементарното право на живот. Секое второ  дете се лекува од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Загадувањето на воздухот, животната средина и природата е кривично дело и за последиците по здравјето на децата треба да одговараат сите кои на директен начин придонесле и се одговорни за состојбата“, истакна Драги Змијанац, претседателот и основач на Првата детска  амбасада  во  светот „Меѓаши“. Во Мировниот марш, со свои активности ќе бидат вклучени и ученици од основните и средните училишта од повеќе градови, а поддршка даваат и општините.

Од „Коалицијата О2“ потенцираат дека загадувањето  во  Македонија се должи на  многу  причини, од кои главните  се: противзаконското  работење  на  индустриските  погони  (без  инсталација  на  соодветни филтри  и  без  придржување  до  пропишани  стандарди),  непланското  уништување  на урбаното  зеленило,  незаконската  и  агресивна  урбанизација,  неспособноста  за управување  со  отпадот,  застарените  решенија  за  транспорт,  греење  итн.

„Иако  според  Уставот  на  РМ,  здравата животна средина му е загарантирана на секој граѓанин на нашата земја, во последниве години сите  сме  сведоци  дека  во  реалноста  не  е  така.  Сите живееме заедно во оваа мала  земја  со големо загадување и без оглед на сите разлики, воздухот ни е можеби единствената заедничка спојка и токму затоа треба постојано да инсистираме на севкупно подигнување на еколошката свест. Бидејќи проблемот е директно поврзан со здравјето и наједноставно се работи за живот или смрт“, посочуваат организаторите пред утрешниот марш.

М.В