/ Прочитано:

3.076

Идејните определби на Јустинијановото законодавство – Правичноста е најсовршената доблест меѓу луѓето

Државното уредување на Византија било конципирано како автократска монархија со моќна и силна власт на владетелот, заснован на неговата доминантна управувачка улога над државната организација.

„Царот беше извор на правото, меѓутоа сепак, чудно, правото остануваше нешто што е над него“

Византиските владетели се раководеле од принципот на империум придружен од доблеста да се владее во согласност со природното право, доброто на граѓаните, божјата волја и нивно покорување на законите. Од друга страна, во западноевропскиот апсолутизам, империумот бил заменет со доминиум, па власта и државата се сметаат за монархоцентрична сопственост – сопственост на доминиумот на суверенот. Ова не е случај со византиските владетели. Тие империумот го сметале за ограничена власт од Природното и Божјото право.

Византија никогаш не била класична патримонијална држава од типот на патромонијалните држави кои изникнале во Европа, таа била апсолутна монархија со цврст чиновнички и судски апарат, со своја војска, со свои закони, етатистички облици и поредок. Поради тоа таа не влегува во ниеден од облиците на феудалните држави од познатиот западноевропски тип, напротив, државно-правните карактеристики на византиската државна организација сугерираат една sui generis позиција во политичко-правна и теолошко -црковна смисла.

Законодавно-политичката организација, хиерархија и субординираност на една држава мора да се согледува од поставените правни постулати, правна практика и нејзина примена. Тие претставуваат своевидна слика за функционалноста на државниот апарат на принуда и репресија, улогата на владетелот во него, но и на самите законски ограничувања на неговата власт и дали беневолентно и на кој начин се прифатени и донесени од самиот владетел. Затоа и секоја системска, кодифицирана и хронолошката сегментација од еден државноправен континуитет упатува на државноправниот развој на државата и дава најпрецизни податоци за историјата на правото и државата, како историографски извор на сите правни системи и односот на конкретно/позитивното право кон и од правниот систем.

Како и сите постоечки (во сите циклуси на нивното развивање) правни системи, така и византиското право не претставува еден ист перманентен важечки правен систем, туку сублимат на различните фази на законодавното развивање. Филозофско-правната и нормативно-егзактната егзистенција на правните системи и легислативните целини на византиското право зависеле од општествените околности, државниот апарат и неговото централно раководење, промените во општествените односи, како и влијанието на Црквата. Битен елемент во мозаикот на огромниот правно-кулуролошки домен на Византија е неговото значење и фаворизација, којашто може да се отслика преку односот на владетелот кон правниот систем, правната наука и неговата перцепција и сфаќање кон истите изразено преку максимата и сведоштвото: “Постоеше, сепак, една сопирачка во царевото уставно право. Тоа беше правото. Царот беше извор на правото, меѓутоа сепак, чудно, правото остануваше нешто што е над него“.

Синоним и правен извор на современото европско право

Со оглед на тоа што никаква човечка власт не можеше да го повика да положи сметка, папата Агапетус го поттикнуваше Јустинијан да биде повеќе внимателен во почитувањето на законот. Лав Исавријски, пак, изјавил дека е должност на царот да ги одржува работите онака како што се поставени во Светото писмо, во актите на црковните собори и во римското право, а Василие Први дури и со посилни зборови го признаваше суверенитетот на правото.

Византиското право е развивано под специфични историски улови и има низа особености кои го разликуваат од правата на другите правни системи и феудални држави во Европа. Оваа карактеристика настанала како последица на државноправниот континуитет на Византија и постепеното преминување од робовладетелско во феудално уредување. Секако, и покрај разликите со другите европски држави, како и сите правни системи, така и византиските се засновани на правните извори. Во Византија постоеле повеќе типови на правни акти што се сметале за правни извори и тоа: закони, царски конституции, новели, номоканони, повелби и др.

Законите претставувале мешани збирки на црковното и световното право коишто ги издавале владетелите и Црквата, додека пак новелите биле правни акти коишто ги носеле императорите и со коишто се дополнувале или менувале постоечките правни прописи или некои правни обичаи се стипулирале со сила на закон и законски се применувале. Повелбите претставувале партикуларни правни акти кои имале функција на давање посебни привилегии на лица или на црквата. Повелби со истакнат златен печат биле познати како хрисовули.

Она што означува најбитен дел во правна смисла на правото на Византија е легалистичкиот приод кон давањето формалистички карактер на корпусот важечки акти. Тој процес е познат како кодифицирање на материјата на правото, односно синтетизирање на обичајното право низ една нормативна легалистичка акција и оформување во кодификаторска целина. Се разбира, мора да се напомене дека византиското право како дел на римското право и негов континуитет модулиран од различните социо-теолошки околности, е создадено и етаблирано над епохалниот правен пункт – Јустинијановото право. А, Јустинијановото право не само што е најважниот историско-правен споменик, туку е синоним и правен извор на денешното современо европско право.

Тоа е цивилизациска придобивка добиена преку иницирањето на круцијална акција на законски реформи и комплетна ревизија на сите дотогашни римски закони, позната како Јустинијанова Кодификација. Замислата на Јустинијан Први за градење на таков величествен правен споменик денес не само што е инкорпорирана во европското современо право, туку била инспирација за сите позначајни политички и државноправни реформи во Европа, а јустинијановото пледоаје за Француската буржоаска револуција доволно говори каквае неговата политичка, социјална и културолошка инфлуенција во Европа и светот.

Процес на Кодификација

Како била реализирана идејата на Јустинијан? Настојувајќи да ја врати големината, силата и цврстината на организацијата на старата Римска Империја, која веќе била разнебитена од внатрешни немири и напади на нејзините граници, Јустинијан формирал комисија од 16 правници и ги задолжил да го селектираат и содржински оформат целокупното правно наследство на класичниот период ( ius ) и сите прописи ки ги издале императорите пред него ( leges). Комисијата работела под раководство на Трибонијан. Задачата на комисијата била тешка затоа што не било едноставно да се лоцираат, дистинктираат, селектираат и хармонизираат правни акти и легислационо наследство и притоа да се компарираат со веќе важечките норми кои низ времето беле изменети од различните социолошки и политички околности.

Во тој богат фонд на прописи биле и одредбите од Законот од 12 таблици, коишто Римјаните никогаш не ги укинале, како и многу закони донесени за време на постоењето на Републиката како облик на владеење, со сите свои правно-политички импликации врз нормативната дејност и акти, а меѓу нив посебно се издвојувале едиктите на преторите, сенатски одлуки, мислењата на правниците кои биле облигаторни за судиите, многубројните конституции на принцепсите и на сите императори од Августин до Јустинијан. Многу текстови не биле зачувани во оригиналот, туку само преадаптирани, преформулирани или коментирани. Многу прописи биле противречни и колизивни бидејќи голем дел од нив биле настанати во услови на робовладетелски односи и развиени облигциони размени и стандарди, а римското општество пак во последните векови на Римската империја (периодот на доминатот) било повеќе со феудално отколку со робовладетелско уредување.

Покрај сето тоа, поради носењето на државниот центар во Византија, римското право веќе со векови трпело влијанија од хелено-македонските државноправни искуства, источни влијанија и секако – од самото христијантво. Најпосле, се појавил и проблемот на терминолошките дефинирања, односно некои термини кои дотогаш биле во употреба немале никакво содржинско ниту функционално значење па биле содадени нови – што пак во правото е од многу битно значење бидејќи самата терминологија му ја дава егзактноста и толкувачката смисла на позитивното/важечкото право. Од целиот тој огромен материјал составен од различни правни концепции, Комисијата успеала да сублимира вонредно значаен интегриран текст – Кодификација, како нормативен темел на Јустинијановиот правен систем. Комисијата успеала задачата да ја изврши во рекордно брзо време, а од голема помош било и консултирањето на модалитетите на кодифицирање на правни прописи од веќе постоечки кодификации како наследена правна литература. Најпрво бил објавен пречистениот зборник на императорските конституции, издадени уште пред Јустинијан (529). Текстот на овој зборник не е зачуван. Потоа во 533 година била објавена кодификација на класичното право под името Digesta ( латински поим што означува нешто што е изложено со одреден редослед). Digesta-та е составена од 50 книги: книгите се поделени на поглавја, а поглавјата на фрагменти.Секој фрагмент претставува извадок од дел на некој класичен правник. Подолгите фрагменти се поделени на параграфи. Книгите, поглавјата и фрагментите подоцна се означени со редни броеви. Фрагментите се извадени од околу 1500 книги од 39 најпознати правници. Комисијата работела на следниот начин: на конститутивна седница бил направен општ план и биле потенцирани одредени делови по кои требало да се работи, а комисијата била поделена на три поткомисии. Секоја поткомисија кодифицирала ралични материјали, од механичко подредување на ракописите до нивна правна диференцијација и адпатирање. Комисијата се служела со ракописи кои низ вековите биле менувани, меѓутоа креативноста на правниците во комисијата( што и е смислата на кодификацијата) е во вршењето на нови измени и воведување на нова современа терминологија што одгаварала на потребите на времето, правно-социолошките фактори, политичкиот амбиент, состојбата на граѓанското уредување како и нивелирањето на различните толкувања на одредени правни стојалишта и нивната практична стабилност во логиката на правото, неговата хармонизација и импелентација. Истата година објавена е и третата книга Institutiones кој претставувал учебник за правници, но имал сила на закон. Во 534 година објавен е и Codex – от, кој ја опфатил претходната интегрирана кодификација како и 50 конституции кои Јустинијан ги издал во меѓувреме. Конституциите кои Јустинијан ги издал после Кодексот се кодифицирани во збирка позната како Novellae.

Покрај номотехничките и идејни правни постулати Јустинијановото право претставува и значајна правна промулгација на идејата за правичноста. Тоа како насока означува еден позитивен преседан во рамките на историската и актуелната јуриспруденција, правната практика и филозофијата на правото. Имено, една од поставките на Јустинијановата правна доктрина е поврзувањето на правото со правичноста со познатата максима – во се, а најмногу во правото треба да се води сметка за правичноста. Таа максима ја изразува нераскинливата поврзаност меѓу правото и правичноста во смисла на искажување на внатрешната содржина на правото за неговата етичко-морална констелација и вредност.

Што всушност е Јустинијановата идеја за правичноста како законска интервенција и филозофско-правен поим? Ако се има предвид дека правичноста е постојано и трајно настојување на секого да му се даде правото што му припаѓа, тогаш произлегува дека доколку отсуствува правичноста, односно настојувањето да му се даде секому она што му припаѓа, прашање е дали се работи за право. Затоа и постоењето на правичноста во јустинијановото законодавство му дава солидна и праведна правна основа. Доколку во правото отсуствува овој елемент на правичност, прашање е дали воопшто тоа е право (законско или не) или законско неправо. Правичноста не е готов чин, нешто еднаш засекогаш утврдено и решено, туку таа претставува процес на дејствија и активности насочен кон постојано и трајно настојување со цел на секого да му се даде правото што му припаѓа.

Правичноста – најсовршена доблест меѓу луѓето

За ова обележје на правото, односно за неговата врзаност со правичноста, секоја држава требала да води и треба да води сметка и грижа. Од друга страна, социо-филозофски, правичноста се дефинира како како најсовршена доблест меѓу луѓето, која секому му го признава правото што му припаѓа. Овде се открива нејзиното својство како квалитет, односно како доблест, како иманентна внатрешна содржина на правото, без која таа не може да опстојува, односно правото не би било право, туку негова праформа (квази облик).

Правичноста нужно е поврзана и со правдата. Во Јустинијановото право видно се потенцира односот право-правда. Јустинијан ги изедначува овие поими – право (ius) и правдата (iustitia), што значи дека нема право, не постои право без правда. Покрај правдата, во Јустинијановото право од суштинско значење за целкупниот историско-правен тек на современите правни системи е и поставката за природните права (naturaliiura). Имено, во Јустинијановото право со посебен правно-теолошки пиетет се утврдува дека овие природни права треба сите да ги почитуваат, значи претставуваат еден облик на ius cogens, a oвие природни права се воспоставени со некое “боженствено провидение”, дедуктирани од “вечниот закон“.

Според тоа, овде се прави квалитетно разликување меѓу природното право што му припаѓа на човекот, како и на сите живи суштества, од природните права кои се воспоставуваат со боженственото провидение. Од тие причини и едно од најважните дела на Јустинијан е разработката на православна државна идеологија – силата на државата и духовната сила на Црквата биле обединети врз принципот “симфонија на властите.” Во преамбулата на 6-тата Новела на Јустинијан, се вели: „Свештенството и царството се најголеми Божји дарови што на човекот му ги дарувало човекољубието на Вишниот: едното им служи на Божествените нешта, а другото управува и се грижи за човечките; и едното и другото произлегуваат од едното и исто начело и го благоукрасуваат човечкиот живот… Ако тоа (свештенството) во сѐ биде беспрекорно и причестно на смелоста кон Бога, а тоа (царството) правилно го уредува општеството што му е доверено, тогаш ќе има некоја добра симфонија.

”Таа симфонија е еден хармоничен пристап кон правото, тоа нему му дава легислативна боженствена форма, а идејниот формат е во непроменливоста и постојаноста, метафизички формат што значи универзалност на правата и само овој тип на права кои во себе го носат супстратот на божјото провидение имаат структура на природни права или универзални права. Од овие природни, односно универзални права, кои се постојани, трајни и непроменливи, произлегуваат и други права кои ги утврдила самата држава, но кои често се менуваат и подлежат на промени. Тоа е позитивното право што го донела државата, но кое може да се измени било со молчалива согласност на народот, било со друг подоцна донесен закон. Во контекст на дерогацијата на правни прописи од подоцна донесени закони врз порано донесени закони, веќе увидовме дека кодификацијата на јустинијановото законодавство не ги отстранува на ниво на опсолетни закони, туку напротив, ги апсолвира и преадаптира веќе постоечките норми давајќи им го белегот на современите правни потреби.

Поради овој функционален метод на јустинијановото законодавство, било во јавното или во приватното право, тоа законодавство низ времето било и е “живо право”, онака како што во одредени теоретски дикусии правото го означуваат теоретичарите на билошката теорија за правото и државата. Таа негова универзална креираност овозможила тоа, од тогаш – до денес, постојано да се развива, надополнува, но не и да се отфрла како ретрограден легалистички рецидив ( што пак е пример со многу други законски проекти низ историјата).

 Јустинијановото право, класичната римска и античка мисла особено се важни за правно-филозофското обзнанување, структуирање и флуктуирање на поимите: природно право, позитивно право, меѓународно право, универзално право, јавно и приватно право. Тој корпус на целокупното законодавство и неговите идејни насоки и определби се основен извор на европкото право, но и на сите правнодржавни доктрини, учења и концепции. Се разбира, тука влегува и правната историја на Македонија.

Универзални поими и универзално право

Универзалните поими за правото, правдата, правната сигурност, слободата на човекот, човековото достоинство, карактерот на власта на императорот, не упатуваат на една, исто така, подзаборавена правна дисциплина, а тоа е универзалното право. А универзализмот на правото не означува само дисперзирана правна доктрина, туку означува и континуитет – бидејќи универзалистичката идеја пред се потекнува од средина во која нужно морала да биде баланс во еден државноправен конгломерат на луѓе, политики и идеи, имено Византија и македонскиот простор. Во тој континуитет и наследство лесно се препознава македонската правна историја, со сите свои особености. Наместо фундаментот на правната историја на Македонија да го бараме во Византија, во Јустинијановото и во византиското право и во неговиот континуитет, ние тој фундамент го бараме во граѓанските револуции, акти и движења, а сите тие акти својата основа ја наоѓаат токму во Јустинијановото и византиското право.

Не значи дека прекинувањето на континуитетот на посебна македонска држава значи отсуство на правен континуитет и дека македонскиот автентичен правен израз се црпи од поновата историја. Македонската правна традиција не може да се поврзува со самото етаблирање на македонската држава, бидејќи правото во обичајниот код е подлабок и покомплексен затоа што е подложен на циклични промени или како што тоа јасно го констатира Аристотел (кој, патем е автор кој изврши огромно влијание врз векови подоцнежната христијанската теологија, филозофија, но и филозофија на право) дека историјата има цикличен карактер, а на кое се надоврза Хегел (кој пак заедно со Густав Радбрух извршија импресивна докомпозиција на сфаќањата за правото и практично ги втемелија филозофските учења за правото како засебни системи во правната филозофија и јуриспруденција) дека самата држава е процес – а она што е препознатливо како идентитет, дури и во насоките на метафизичкиот поим на битието – се јазикот и обичаите. Токму во македонското обичајно право квалитетно се препознаваат нормативно-филозофките културолошки нишки и правни кодови на Јустинијановото право. Затоа е нонсенс да се врши идеолошка симплификација на правната историја на Македонија, и дека е изолирана придобивка на политичкиот дикурс после Втората светска војна, без притоа да се истакне основата – Јутинијановото право и неговите правно-културолошки рефлексии, или пак, што често се случува, тенденциозно да се опструира таквиот приод.

Во што се состои засебноста на Јустинијановото право и традиција и зошто е инспирација за современото европско право? Јустинијановата правна доктрина има цврст нексус со обичајно-правните традиции. Но, таа доктрина е диференцијален феномен за разлика од тогаш постоечките, пред се европски државни традиции. Државното право и неговиот однос кон граѓанското право се засновани на принципот на хиерархичност, што е рефлексија на империумот како облик на владеење. Византиските владетели, се ориентирале според принципот на империум во согласност со природното право. Затоа и Јустинијан се стремел да воспостави поредок на правото, поредок на правдата, поредок на правната сигурност и вера во Бога. Тоа е онаа теорија на симфонијата кон која се стремел.

Тоа не значи дека во тој период владеела целосна хармонија и симфоничност, бидејќи државата се соочувала со напади однадвор, но и со внатрешни немири, меѓутоа идеалот за симфоничност постоел и се практикувал како идеолошка водилка и правен модус вивенди. Сепак, колку и да била разнебитувана идејата за хармоночна усогласеност на империумот со внатрешната граѓанска оска – идејата за државно-законска усогласеност претставува препознатлива идеја за легалистичко деконцнтрерирање и дефокусирање на планот на империумот кон принципот на доминиум, како врвна општествена и правна вредност. Во таква ситуација Јустинијан е креаторот на современите идеали за правото и правдата. И покрај тоа што суверенитетот на државата, правдата и правото се основните обележја на Јусинијановото владеење и она што е најзначајно – тие претставуваат обележја на модерната држава !

Со други зборови, Јустинијановата Византија е идеал, модел на држава кој успешно функционира, историски бренд што даде насоки за формирање на современите правни и државни системи, а Јустинајан творец на правната историја на Македонија и на другите балкански народи, како и на Европа во целина. Неговите заложби за правна кодификација се трајни цивилизациски и универзални вредности. Како што Аристотел е познат по општото добро како доблест, како универзална вредност, така Јустинијан поимите право, правда, и правна сигурност ги подига на степен на општи, универзални и цивилациски вредности и поими.

Тие, како поими и вредности, остануваат со сета своја сила, длабочина и потреба за реафирмација на понатамошно усовршување и продлабочување. Јустинијановото право не претставува само збир на свети прави догми, туку е доминантно, адаптабилно и динамично право, икао нивната вредносна содржина останува како основа, порака и фундамент на сите проекции за приспособување на ова право. Не се менува неговата суштина. Неговата метаморфоза и адаптабилност не значи негово исчезнување туку збогатување со нови и поинакви содржини што го нои самото време. Битно е што основата, фундаментот е постојан, траен и непроменлив – како договор, правен и општествен, за првите принципи на владеењето на државата и политичката заедница.

Кодификацијата овозможила преживување на римското право

Византиското право после Јустинијановата кодификација се развивало во засебни периоди и нормативни категоризации. Најзначајно е што кодификацијата овозможила преживување на римското право. Таа ја формирала основата на подоцнежното Византиско право. Единствената западна провинција каде што било воведено Јустинијановото право била Италија, од каде потоа се пренело низ западна Европа во 12. век и станало основа за современите европски правни системи.

 Во однос на самото византиско право треба да се непомене дека во формална смисла, а имајќи го во предвид влијанието и промулгацијата на јустинијановото право, постојат три периоди на кодификаторската дејност. Кодификаторската дејност практично е континуитет на самата кодикитароска дејност од времето на Јустинијан, а до денес во правната наука и практика кодификациите се иманентен дел во правниот систем, како мошне корисна, но сложена нормативна операција.

 Првиот е периодот којшто траел од втората половина на 7 век и ја опфаќал првата пловина на 8 век. Тогаш биле донесени: Земјоделскиот закон (Nomosgeorgikos) и Екологата.

 Во вториот период којшто траел од крајот на 9 и почетокот на 10 век (периодот на македонското законодавство) биле донесени збирките: Прохирон, Епанагога, Василики, Збирката Новели на Лав Шести Мудриот.

 Третиот период којшто ја опфаќал првата половина на 14 век е период познат како време на доцновизантиската држава и културна ренесанса. Тогаш се појавуваат две приватни правни збирки коишто нашле широка примена во Византија: Шестокнижието ( Eksavivlos) на солунскиот судија Константин Арменопулос и Синтагмата на светогорскиот монак Матија Властар.

Во историјата на правото на Византија може да се забележи и уште една екстензивна поделба на исторископравната кодификација. Имено, оваа периодизација е занована на пет засебни делови, намето три – како што погоре е наведено. Првиот дел е законодавството на Јустинајан, односно Јустинијановото законодавство и останатото римско право (како извор на правото). Првиот дел трае од владеењето на Јустинијан до до 8 век.

Вториот дел трае од 8 до 9 век, и тоа е период познат како законодавството на царевите иконоборци. Законодавството на царевите иконоборци во себе ги апсолвирал Еклогата, Земјоделкиот, Поморскиот и Воениот закон.

Третиот период трае од средината на 9 век до средината на 11 век. Овој период значаен е по тоа што се јавува како легислативна иницијација и истакнување на потребата за враќање на јустинијановото законодавтво, кое во вториот период било заменето со идеолошко-теолошката и законодавната материја на царевите иконоборци. Како најзначајни извори во овој трет ериод се истакнуваат: Прохиронот, Епанагогата, Василиките, зборниците на новели на царевите Лав 6, Роман 1 Лакапин и Константин 7, Порфирогенит и Фотевиот номоканон.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

12 мај 2014