/ Прочитано:

1.911

Идентификацијата на домашните миленици преку вградување на микрочипови ќе започне наскоро

Наскоро почнува вградувањето микрочипови кај домашните миленичиња, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Постапката со набавка на микрочипови е веќе завршена и тие се во магацините на Агенцијата за храна и ветеринарство. Во моментов, посочуваат од Агенцијата, се склучуваат договорите со ветеринарните друштва што треба да ги аплицираат микрочиповите, по што ќе следува нивно распоредување кај сопствениците на домашни миленичиња.

Вградувањето микрочипови кај домашните миленици се спроведува за да се откријат сопствениците на домашниот миленик доколку тој биде напуштен и заловен од шинтерските служби.

Вградувањето на микрочиповите е уредено со Правилникот за идентификација и регистрација на домашните миленици, чии одредби се применуваат на кучиња и мачки кои согласно со одредбите од годишната наредба треба задолжително да се вакцинираат против беснило и на кучињата скитници кои согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните се заловуваат од страна на општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје.

Во Правилникот се пропишува дека по извршеното вградување на микрочипот на животните, овластеното ветеринарно друштво кое ја извршило апликацијата ги внесува следниве податоци за животното и неговиот одгледувач/сопственик во електронската база на податоци:

а) за животното: име на домашниот миленик; датум на раѓање; раса; пол; боја на влакното; идентификациски број на микрочипот; датум на апликација на микрочипот;  број на пасош и датум на издавање на пасошот

б) за одгледувачот: име и презиме; единствен матичен број; адреса на живеење и телефонски број

в) податоци за здравствената состојба на животните (вакцинации, ревакцинации и сл.).

Содржината на микрочипот, се пропишува во Правилникот,  треба да биде во согласност со MKC ISO-стандардите 11784 и 11785. Микрочипот содржи единствен 15-цифрен број кој е добиен на следниов начин:

– првите три цифри го означуваат кодот на државата – 807, во согласност со MKC EN ISO стандардот 3166;

– четвртата цифра е нула;

– петтата и шестата цифра се добиваат со одземање од бројот 991 од кодот на произведувачот на микрочипот, одреден со ICAR-стандардите на Меѓународен комитет за регистрација на животните и од седмата па сѐ до 15-та цифра е единствен идентификациски број.

По внесот на податоците во електронската база на податоци, овластеното ветеринарно друштво на одгледувачот на домашниот миленик му издава пасош за домашен миленик.

Микрочипот се аплицира со стерилен апликатор, поткожно во средниот дел на вратниот предел, од левата страна на телото на животното. Апликацијата е еднократна, а микрочипот е траен, од моментот на апликацијата до крајот на неговиот живот.

Микрочиповите треба да се нештетни за животните и да не предизвикуваат инфламаторни или други промени по нивната апликација.

М.В