/ Прочитано:

1.816

Иницијатива за посебен даночен режим за холдинг-друштвата и измени на даночната регулатива

Холдингот како форма на поврзување на компаниите за постигнување на подобри деловни резултати е организациски облик кој постои и успешно функционира во голем број земји во рамките на Европската Унија и пошироко. Растот и унапредувањето на работењето на деловните субјекти ја поставуваат како нужност потребата од поврзување на трговските друштва и овозможување за таквите посебни трговски ентитети да биде уреден посебен режим на функционирање, кој ќе биде приспособен на специфичностите. Уредувањето на прашањата кои се однесуваат на неговото функционирање, а особено даночниот третман на овие субјекти, може значително да придонесе за унапредување на функционирањето на економскиот систем, беше истакнато на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија.

Во европските законодавства, во кои е нормирано работењето на холдингот, уредени се повеќе даночни повластувања. Речиси во сите наведени законодавства, предвидено е 100% ослободување од данок на дивиденди и капитална добивка, многу често и без притоа да се бара минимален временски период на сопственост на акциите или услови за минимален удел поради оданочување.

Поради наведеното, Стопанската комора на Македонија предлага функционирањето на холдинг-компаниите терминолошки да се усогласи со законската регулатива која го уредува поврзувањето на трговските друштва во Законот за трговски друштва, каде што и сега се уредени поединости за функционирањето на холдинг-компаниите (односно во согласност со постојната терминологија: поврзаните друштва), поврзани со контрола и надзор над нивното работење, известување, управување, поднесување финансиски извештаи и водењето деловни книги.

М-р Елена Милевска-Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, на денешната прес-конференција информираше дека Комората ќе поднесе иницијатива до Владата на РМ, со која ќе предложи во законите со кои се уредува оданочувањето да се уреди посебен даночен режим за холдинг-друштвата, при што уредувањето на овој режим се предлага за своја почетна основа да ги има следниве критериуми:

  • дивидендите кои фирмата-ќерка ги исплаќа во холдинг-компанијата треба да бидат ослободени од оданочување;
    • приходот што холдинг-компанијата го остварува при продажба на учество/удел во фирмата-ќерка да биде ослободен од оданочување;
    • салдото на трансферираните парични средства кои по својата економска суштина се заеми, во рамките на холдингот (на пример, од владејачкото друштво на фирмата-ќерка и обратно, сестринските фирми) да не влегуваат во даночната основа при сочинување на даночниот биланс за финансиската година;
    • да се создаде законска основа да може распределбата на добивката од работењето од тековната година на фирмата-ќерка која е основана со определен поголем процент на учество од холдинг-компанијата (владејачкото друштво), да се евидентира и да се објави во годишната сметка на холдинг-компанијата (владејачкото друштво) во истата година;
    • повторно да се уреди можноста трговските друштва кои се поврзани во холдинг-компанијата да може да поднесуваат консолидиран даночен биланс.

„Во таа насока е и барањето на Стопанската комора на Македонија за изменување и дополнување на Правилникот за водење сметководство, во согласност со членот 469, став 2 од Законот за трговските друштва, така што се предлага измените на меѓународните стандарди за финансиски известувања (МСФИ и МСС), кои во повеќе наврати се ревидирани и дополнувани од страна на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди, да бидат интегрално инкорпорирани во македонското законодавство.

Имено, во согласност со член 469, став 2 од Законот за трговските друштва, меѓународните стандарди за финансиско известување и меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти се ажурираат на годишна основа за да бидат усогласени со тековните стандарди, така како што се дополнети, изменети или усвоени од страна на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди. Во македонското законодавство, наведените стандарди не се дел од важечкото законодавство во целост, односно по 2009 година, тие не се преведени и како такви, не се објавени во службено гласило на Република Македонија, за да можат да бидат применливи во домашното законодавство. Тоа создава поголеми проблеми во практиката при работењето на деловните субјекти, и тоа како за домашните компании, така и за странските инвеститори, а сето тоа влијае врз правната сигурност и воопшто врз интересот за инвестирање и развој на домашното стопанство“, информираат од Стопанската комора.

Во таа насока, Стопанската комора на Македонија оценува дека наведените предлози за подобрување на даночниот третман на холдингот  ќе придонесат за унапредување на работењето на деловните субјекти во земјата, што ќе обезбеди понатамошен економски раст на системот.

М.В