/ Прочитано:

3.697

Иницијативи за измени на повеќе закони поднесени од Народниот правобранител

Народниот правобранител поднел неколку иницијативи за измени на закони со  цел подобрување на прописите во насока на поефикасно остварување на правата на граѓаните, се вели во Годишниот извештај.

„За надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните кои не се запишани во Матичната книга на родени, односно лица кои се без правно признат идентитет, лично име и презиме, адреса на живеење и без единствен матичен број, Народниот правобранител поднесе Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за вонпарнична постапка“, се посочува во Извештајот.

Со оваа иницијатива предложено е да се востанови посебна глава – Постапка за утврдување на време и место на раѓање, со што може да се очекува надминување на проблемите на горенаведените лица, односно би се уредиле прашањата на поведувањето на постапката, прибирањето на известувањата за лицата, судското рочиште и изведувањето на доказите, донесувањето на одлуката и нејзиното доставување до органот надлежен за водење на матична евиденција заради остварување на правото на упис. Исто така, со измената би требало да се определи и рокот во кој судот ќе ја донесе одлуката, како и можноста за ослободување од судска такса на овие лица.

Следејќи ги прописите од областа на здравствената заштита, Народниот правобранител, се вели понатаму во Извештајот, оцени дека има потреба од измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување во делот каде што се уредува можност за ослободување од плаќање на партиципација.

„Имено, постојните одредби се дискриминаторски од причина што Законот ги ослободува корисниците на постојаната парична помош од плаќање на партиципација, но не и корисниците на социјална помош.

Оттука, Народниот правобранител смета дека со оглед на тоа што социјалната заштита е систем на мерки, една од нив треба да биде и можноста тие да бидат ослободени од плаќање на партиципација за болничко лекување. Владата го извести Народниот правобранител дека ресорните министерства дале поддршка за предложените измени и дополнувања. Народниот правобранител до Владата на Република Македонија достави Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, која се однесуваше на таканаречениот паралелен увоз на лекови, затоа што споредувајќи ја постапката помеѓу редовниот и паралелниот увоз утврди недостатоци што го ставаат под сомнеж квалитетот на лековите. Од овие причини Народниот правобранител побара да се направат неколку законски измени, и тоа: да се предвиди стручна процена на лекот од страна на Комисијата и постапка како што е предвидена и кај редовниот увоз на лекови, да се воспостави регистар на лекови од паралелен увоз. Понатаму, да се контролира секоја увезена серија, да се отфрли можноста од давање на привремено одобрение, но и да се усогласат одредбите на целиот закон, а особено на постапката за паралелен увоз со регулативата на Европската Унија во врска со производството и пуштањето во промет на лековите“, истакнува правобранителот.

Народниот правобранител по сопствена иницијатива, а врз основа на констатираната состојба за повреда на правата на голем број граѓани, во согласност со своите овластувања, до Владата на Република Македонија достави Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот.

Во оваа иницијатива Народниот правобранител побара да се усогласи законодавството со цел Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините задолжително да ги изготвуваат решенијата за присилна наплата врз парично побарување по сметка кај банка што му припаѓа на физичко лице на начин што: ќе ги почитуваат ограничувањата на извршувањето, односно да не се одзема повеќе од една третина од плата или од пензија, извршувањето да не може да се спроведува врз примања по основ на социјална заштита, инвалиднини, еднократна парична помош, детски додаток и сл., да се почитува достоинството на должниците и нивните семејства и извршувањето да биде поповолно за нив.

„Согледувајќи ги проблемите со малолетничките бракови, а со цел нивно намалување/анулирање, Народниот правобранител до Владата достави Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за семејство, на Кривичниот законик и на Законот за средно образование.

Така, за Законот за семејство предложено е да се дополни со одредба со која ќе се забрани живеењето на малолетниците во вонбрачна заедница, а во Кривичниот законик да се измени одредбата во која сега не е санкционирана состојбата кога полнолетно лице живее во заедница со лице кое наполнило 16 години, а не наполнило 18 години, со и без согласност на родителот.

Исто така, Народниот правобранител смета дека од големо значење за решавање на проблемот со малолетничките бракови ќе биде и измената на Законот за средно образование, каде што треба да се воспостави обврска за родителите да пријават кога нивните деца го напуштаат образовниот процес поради формирање на брачна или вонбрачна заедница. Народниот правобранител доби информација од Владата дека оваа иницијатива е поддржана од ресорните министерства“, се вели во Годишниот извештај на Народниот правобранител.

Утврдувајќи дека постојните законски норми од Законот за заштита на децата кои се однесуваат на надоместок за трето дете, со кои е предвидено дека овој додаток ѝ следува само на мајката, но не и на таткото, создаваат нееднаквост и правна несигурност, Народниот правобранител до Министерството за труд и социјална политика достави Иницијатива за измени и дополнувања на овој Закон.

„Имено, Народниот правобранител смета дека е потребно соодветно изменување и дополнување на начин што ќе се прецизира и ќе се уреди правото на остварување на овој родителски додаток подеднакво на двајцата родители, односно или мајката или таткото да може да остварува право, доколку ги исполнува законски предвидените услови, како и да се разгледа можноста од изнаоѓање на соодветно законско решение за родител кој е корисник на право од социјална заштита да може да остварува право на родителски додаток за трето дете“, посочува Народниот правобранител.

M.В