/ Прочитано:

1.350

Иницијативите од граѓанските организации до Собранието за измени на закони – маратон со пречки

Во текот на изминатите 2 години, а со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер и во соработка со Високата школа за новинарство и односи со јавноста, 11 граѓански организации бараа измени на закони кои се однесуваат на различни човекови права, од кои најголем дел од областа на здравствената и социјалната заштита, како и судството и заштита од дискриминација.

На конференцијата, којa се одржа по тој повод, беа претставени резултатите од напорите за измени на закони, но и предизвиците со кои се соочија граѓанските организации, како и идните чекори кои ги планираат некои од нив.

Гордан Георгиев, поранешен пратеник во Собранието на РМ и експерт во проектот „Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права”, вели дека односот меѓу организациите и Собранието иако е иницијално нелагоден, сепак, и двете страни мораат да го прифатат како „нужно зло“ бидејќи е неопходен.

Проектот на Фондацијата го адресираше токму недостигот на дијалог меѓу овие две страни. По 2 години работа со неколку граѓански организации и пратеници, се бележи скромен прогрес, но евидентна е потребата од слични иницијативи за соработката да прерасне во пракса.

Емил Атанасовски, директор на Фондацијата за демократија Вестминстер за Западен Балкан, посочи дека врската меѓу граѓаните и пратениците во Собрание на РМ е целосно изгубена и дека има многу малку граѓански иницијативи во Собранието.

Собранието, подвлече Атанасовски, има механизми за соработка со граѓанскиот сектор, но тие не се искористени. Сега има добар политички момент да се смени тоа бидејќи преку овој проект граѓанските организации понудија иницијативи за законски измени со кои практично ќе се смени и животот на одредени луѓе.

Искуството во иницирање и барање промена во конкретни закони во изминатите 2 години го пренесоа Здружението за поддршка на лица со Вилсонова болест – Вилсон Македонија, Институтот за човекови права и Инклузива, кои успеаја да станат дел од работни групи во Министерството за труд и социјална политика и во Министерството за здравство, креирани за измена на законите од интерес. Млади европски федералисти (ЏЕФ) своите предлог-измени ги поднесоа до Министерството за информатичко општество и администрација, при што беа интегрирани во текстот на новиот предлог-закон (објавен на ЕНЕР).

Измени на закони беа иницирани и од страна на:

  • Македонската платформа против сиромаштија за воведување на минимален достоинствен приход;
  • ХОПС иницираше законски измени со кои треба да се обезбеди полесен пристап до поквалитетни лекови за достапни цени за лицата кои го употребуваат канабисот во медицински цели;
  • Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) предложи законски измени со цел зголемување на ефективноста на управното судство, со што граѓаните би добиле квалитетна и навремена административна правда;
  • „Слободен софтвер“ побара промена во Законот за матичен број по примерот на Хрватска бидејќи постои голем ризик за злоупотреба на личните податоци.
  • Фондацијата Метаморфозис побара измени во повеќе закони во насока на законска регулација на отворени образовни ресурси.
  • МОФ предложи измени во насока на унапредување на Законот за високото образование, со кој би се предвиделе посебни тела (комисии) против дискриминација.

Пратениците Ивана Туфегџиќ и Павле Богоевски, кои исто така имаа излагање на конференцијата, сметаат дека сегашното ниво на соработка е недоволно и дека мора да се подобрува. Според Богоевски, постојните механизми не се доволни, треба да се зајакнат и да се надградат за да се воспостави одржлив процес на соработка, наспроти сегашната која во голем дел зависи од волјата на пратениците и нивните индивидуални контакти со граѓаните. Сепак, во насока на подобрување на соработката меѓу Собранието и граѓанските организации, и двајцата пратеници укажаа на формирањето на две нови интерпарламентарни групи, од кои групата за млади, која започнува инклузивен процес на носење на закон за млади, е иницирана од самото Собрание.

Конференцијата е организирана во рамките на проектот „Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права”, кој од декември 2015 до февруари 2018 го имплементираше Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Високата школа за новинарство и односи со јавноста. Проектот е финансиран од Европската Унија, а кофинансиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

М.В