/ Прочитано:

1.538

Иницирани измени  на подзаконските акти за безбедност и здравје при работа на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат

Групацијата за безбедност и здравје при работа при Стопанската комора на Македонија отвора процес на усогласување на подзаконските акти на Законот за безбедност и здравје при работа со новите европски директиви од оваа област.

Прв чекор во тој процес, истакнуваат од Групацијата, се предложените измени на Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје при работа на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат, а кои веќе се доставени до Министерството за труд и социјална политика.

Со овој Правилник се пропишуваат минималните барања за безбедност и здравје при работа на бремените работнички и работничките што неодамна се породиле или дојат.

„Потребата од измени на Правилникот произлегува од потребата за негова усогласеност со новата Директива 2014/27/ЕУ донесена на 26.2.2014 година од страна на Европскиот парламент и Советот на Европа, која се однесува на измени на директивите на Советот 92/58/ЕЕЗ, 92/85/ЕЕЗ, 94/33/ЕЗ, 98/24/ЕЗ и Директивата 2004/37/ЕЗ за да се усогласат со Уредбата (ЕЗ) бр. 1272/2008 за класификација, означување и пакување на супстанции и смеси“, велат од Групацијата.

„Со оглед на тоа дека новата класификација, означување и пакување на супстанции и смеси веќе се задолжителни и во Р Македонија преку законите и другите прописи кои се однесуваат на хемиските супстанции, меѓусебната неусогласеност на прописите кои произлегуваат од Законот за хемикалии и од Законот за безбедност и здравје при работа предизвикува проблем во постапките за проценка на ризик на работно место, конкретно на проценка на штетните влијанија на одредени хемиски соединенија врз посебна група вработени, како што се бремените работнички. Воедно, со новите директиви е проширена листата на опасни, штетни хемикалии за оваа група работнички“, образложуваат од Групацијата.

Покрај измените на овој Правилник, Групацијата најави и измени на правилниците за безбедност и здравје на млади работници, за хемиска штетност и за знаци на одбележување. Сашко Стојмановски, претседател на Групацијата, ги повикува сите засегнати чинители активно да учествуваат во обезбедување на безбедна и здрава работна средина.

M.В