/ Прочитано:

1.511

Институт за европска политика: Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да ја вратат довербата на јавноста во судството

Довербата во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители речиси и да не постои, а ова се двете клучни институции кои треба да ја гарантираат независноста на судството од политичкото влијание.

Судови владеење на правото

Институтот за европска политика (ЕПИ) по сеопфатна анализа на општествените текови во Македонија оценува дека има сериозно уназадување на владеењето на правото во текот на изминатава година. Една од клучните забелешки во студијата со наслов „Мониторинг и евалуација на владеењето на правото во Република Македонија“ е трендот на исклучително слаба парламентарна дебата.

„Утврдивме дека постои стагнација во однос на работата на законодавниот дом. Најголемиот број закони кои беа донесени во текот на оваа година беа изгласани од страна на пратениците по скратена постапка, без претходни дискусии, без пошироки консултации. Со ваков начин на носење на законите Собранието продолжува да биде ‘гласачка машина’ на Владата, со што ја занемарува својата улога“, рече Кристина Димовска од ЕПИ при презентација на студијата.

Владеењето на правото е вон сила, истакна Димовска, особено кога станува збор за реформите во судството на кои инсистира Европската Унија и кои треба да бидат приоритет за добивање датум за преговори. Таа нагласи дека најмногу загрижува фактот што граѓаните сè уште имаат многу низок степен на доверба во правосудните институции во земјава, а тоа се должи на, како што рече Димовска, очигледниот притисок на извршната врз судската власт.

„Наместо реформите, се нуди мека, навидум реформска амбалажа, што воедно нуди форма, но не и содржина на реформите. Освен тоа, довербата во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители речиси и да не постои, а ова се двете клучни институции кои треба да ја гарантираат независноста на судството од политичкото влијание. Независноста на судството се поврзува и со работењето на Специјалното јавно обвинителство. Сведоци сме дека досега речиси сите барања на СЈО за притвор и за мерки за претпазливост се одбиени од Основниот суд Скопје 1 – Скопје“, потенцираше Димовска.

Во денешната презентација на студијата во која се оценува владеењето на правото во земјава, беше нагласено и тоа дека загрижува и постапката за изборот на судиите, особено поради фактот што не се преземаат никакви чекори за да се изменат критериумите за оцена и за унапредување на судиите. Димовска рече дека именувањето на судии и претседатели на судови од страна на Судскиот совет се врши без претходни промени во изборниот систем.

Димовска посочува дека постојат докази дека одреден број судии се именувани на ден пред планираното и одложено распуштање на Собранието, во очекување на предвремените избори.

Авторките на студијата, проф. д-р Малинка Ристевска-Јорданова и м-р Кристина Димовска, даваат препораки за подобрување на состојбата со владеењето на правото во Македонија, наведувајќи дека Судскиот совет и Советот на јавните обвинители мора да ја вратат довербата на јавноста со тоа што ќе воспостават интегритет и нема да попуштаат пред притисоците на властите.

„Сметаме дека Судскиот совет и Советот на јавните обвинители треба да ги вклучат медиумите и организациите од граѓанското општество во својата работа за да ја зајакнат сопствената транспарентност. Овие две институции мора да бидат транспарентни особено во однос на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители“, нагласи Димовска.

А. Б.