/ Прочитано:

1.473

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ предлага итни реформи за борба против корупцијата во Македонија

Предложените реформи, чија цел е сузбивање на корупцијата, се итни и содржат препораки. Доколку би се имплементирале веднаш и доколку би се реализирале успешно, повторно ќе се врати улогата на засегнатите страни во борбата против корупцијата, а со тоа поефикасно ќе се остваруваат надлежностите и функциите на сите институции кои треба да ја сузбиваат корупцијата.

Корупција

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ предлага итни реформи за борба против корупцијата во Македонија. На денешната конференција „Како до поефикасна борба против корупција“ беше нагласено дека скандалот со прислушуваните разговори е потврда дека институциите се присвоени за корист на приватни интереси на една или повеќе елити, што, според Институтот за демократија, директно упатува на корупција на највисоко ниво.

Миша Поповиќ од оваа организација рече дека предложените реформи, чија цел е сузбивање на корупцијата, се итни и содржат препораки. Смета дека доколку би се имплементирале веднаш и доколку би се реализирале успешно, повторно ќе се врати улогата на засегнатите страни во борбата против корупцијата, а со тоа поефикасно ќе се остваруваат надлежностите и функциите на сите институции кои треба да ја сузбиваат корупцијата.

„Ова значи промена во законодавството, во политиката и кај функционерите. Промената од своја страна ќе обезбеди реформа на системот на финансирање на политичките партии. Повторно ќе има отчет и одговорност во институциите за борба против корупцијата, односно ќе се обезбеди транспарентност од страна на Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Промените, исто така, ќе обезбедат интегритет на луѓето, кои ќе имаат задача да ги спроведуваат овие активности“, истакна Поповиќ.

Според Институтот за демократија „Социетас цивилис“, итните мерки се насочени кон подобрување на критериумите за членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, нагласувајќи дека фокусот треба да се стави на искуството и на експертизата на членовите, наместо да се обрнува внимание на образованието и на јавната расправа во Собранието.

„Сметаме дека итно треба да се направат процени на ризиците од корупција и развој на плановите за интегритет во клучните институции, а тоа се: Министерството за внатрешни работи, УБК, сите инспекторати, како и сите институции кои нудат помош и субвенции. Исто така ќе мора итно да се создаде работна група составена од членови на ДКСК, на Управата за јавни приходи и на Државниот завод за ревизија, која ќе треба да го испита финансирањето на политичките партии и трошењето во изминатите три години. Сметаме и дека треба да се назначат нови членови на Комисијата за заштита на правото за пристап на информации од јавен карактер, кои треба да бидат независни експерти со богато искуство во полето на пристапот до информации“, нагласи Поповиќ.

На денешната конференција беше нагласено дека е од огромно значење во борбата против корупцијата клучните институции – Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство, МВР и Народниот правобранител, да воспостават ефективна примена на законската улога за надворешно пријавување корупција преку Законот за заштита на укажувачите.

А. Б.