/ Прочитано:

1.928

Институтот за европска политика препорачува донесување на нова стратегија за судството

Институтот за европска политика објави документ за јавна политика во кој се содржани препораки за имплементација на Итните реформски приоритети.

Институтот за европска политика во поглед на Итните реформски приоритети вели дека во Македонија е потребно покренување инцијатива за донесување на нова стратегија за судството, која, како што нагласуваат од Институтот, одамна требаше да биде донесена. Во таа насока, додаваат од Институтот за европска политика, потребно е и формирање на совет за стратегијата за судството.

„Најсоодветно би било овој совет да го формира Собранието, кој би се состоел од истакнати личности, кои можат делотворно да ја преземат водечката улога“, истакнуваат од Институтот за европска политика, од каде што препорачуваат и  започнување на сеопфатна јавна дебата за новата стратегија за судството.

Во оваа дебата, истакнуваат од Институтот за европска политика, потребно е  обезбедување активно учество во дебатата на претставници на судството, академската заедница и граѓанското општество.

Од Институтот за европска политика додаваат дека е неопходно и  јакнење на улогата на Собранието во надзорот на независните органи и започнување на практика на собраниски расправи за претставниците на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.Од Институтот предлагаат и воспоставување механизам за обезбедување на транспарентност во назначувањето и унапредувањето на судиите.

„Потребно е и укинување на законите за основање на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија и укинување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“, сметаат од Институтот за европска политика.

Документот се наоѓа на линкот: Извештајот на Прибе две години подоцна: нова влада и нови можности за решавање на стари проблеми.

М.В