/ Прочитано:

1.387

Интензивирање на соработката помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Комората на извршители

Четврток, 4 септември 2014 –  Поинтензивна и директна соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Комората на извршители на РМ (КИРМ) е целта на вчерашната средба меѓу директорката на Академијата Анета Арнаудoвска и претседателот на КИРМ Зоран Петрески.

На работниот состанок, како што посочуваат од КИРМ, биле разгледани можностите за воспоставување на поинтензивна и директна соработка помеѓу Академијата и Комората на извршители на Република Македонија која ќе се официјализира и со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете институции.

„Во рамките на Меморандумот, ќе бидат опфатени заеднички активности на Академијата и Комората од кои дел ќе се реализираат преку организација на заеднички обуки и семинари кои ќе бидат посветени на теми поврзани со надлежностите на судиите, јавните обвинители и извршителите, со посебен акцент на Законот за извршување и дилемите со кои се соочуваат извршителите во својата секојдневна работа“, известуваат од КИРМ.

Соработката помеѓу двете институции ќе опфати размена на едукатори, аплицирање на заеднички проекти кои ќе бидат од интерес како за судиите и јавните обвинители, така и за извршителите во Република Македонија, како и развивање на е learning модули за обука на судиите, јавните обвинители и извршителите од области кои се во рамки на нивното професионално делување.