/ Прочитано:

2.241

Интервју со Светлана Зашова, првата Македонка во Француската правосудна академија

„Судијата треба да го знае правото, но тој треба да биде едуциран и од областа на социологијата, психологија, филозофијата на правото, историјата, етиката. Потребно е да има голема општа култура, а во Академијата посебно се обрнува внимание на културата на разни народи“, вели д-р Светлана Зашова, првата Македонка во Државната правосудна академија во Бордо, Република Франција, која за Академик зборува за својот живот и за своето образование во Франција, за предизвиците како доктор на правни науки и за градењето на професионалната кариера како дел од француското правосудство.

akad 2

„Татко ми е дипломат. Беше нашиот прв македонски  претставник во Советот на Европа во Стразбур, а претходно беше конзул на Југославија во Лион. Јас израснав делумно во Франција и делумно во Македонија. Бев тука до моите осум години. Прво почнав со училиште тука, па подоцна продолжив таму.  Се вратиме во Македонија за време на независноста и кога имав 15 години, кога татко ми беше именуван за во Стразбур, се вративме во Франција. Таму продолжив со образованието, прво во меѓународно училиште, а потоа на четиригодишни правни студии во Стразбур. Продолжив на магистерски и докторски студии по меѓународно право на Сорбона“, раскажува Зашова, додавајќи дека за време на студиите била истражувач во рамки на магистерските студии на Центарот за меѓународно право при Сорбона.

Докторска дисертација и вработување во француското Министерство за одбрана

Зашова ја посветила својата докторска дисертација на правниот режим на мировните сили на Обединетите нации, додека, пак, претходно, присуството на мировните сили во Македонија ја поттикнало да се посвети на магистерската тема за УНПРЕДЕП.

„Докторската дисертација ми беше од аспект на правниот режим на мировните сили на Обединетите нации, со тоа што магистерската ми беше за УНПРЕДЕП, превентивните сили на ОН кои беа во Македонија од 1991 до 1993 година. Нивното присуство во Македонија го разбуди мојот интерес за мировните сили и ме насочи кон правото на меѓународните организации и на Обединетите нации. Дисертацијата ја одбранив во 2010 година, а ја објавив непосредно по докторирањето. Веднаш по докторирањето ми понудија работа во правната дирекција во француското Министерство за одбрана како специјалист по меѓународно право. Таму, поконкретно, работев 3 години на соработката со меѓународните кривични  судови“, вели Светлана Зашова.

Хашките искуства – инспирација за влез во Академијата

Работењето за француското Министерство за одбрана било пресудно за неа да се насочи кон судството и обвинителството. Искуството во Меѓународниот суд за поранешна Југославија за неа било, како што нагласува, исклучително добро искуство.

akad 2

„Тогаш беа и судењата на Младиќ и Караџиќ во Хаг, а јас во Министерството  работев од аспект на соработката. Значи, сите барања на соработка, кои беа изнесени од судовите во Хаг, дали е тоа Судот за поранешна Југославија, Руанда,  Либан или Меѓународниот кривичен суд, доаѓаа кај мене и јас работев на нив во рамките на Министерството за одбрана. Заедно со француските генерали, кои претходно биле офицери на УНПРОФОР, одев  на нивните сведочења во меѓународните судови и пред Меѓународниот суд за поранешна Југославија. Тоа беше исклучително искуство и ми ја одреди насоката кон судството и обвинителството. Откако завршив пракса две и пол години во Министерството за одбрана, се одучив да аплицирам на Академијата, каде што и ме примија“, раскажува Зашова.

Предавања по меѓународно хуманитарно право на Институтот за меѓународни политички студии во Париз

Светлана Зашова, покрај тоа што е еден од слушателите на Француската академија,  е  професор по  меѓународно хуманитарно право на Институтот за меѓународни политички студии во Париз.  Таа водела и неколку проекти  во рамките на Центарот за меѓународно право во Сорбона.

„Претходно бев асистент кој дава часови,  но потоа повеќе истражував и се посветив на истражувањето и на пишувањето трудови и текстови. Имам напишано редица написи од областа на  меѓународното хуманитарно право, човековите права, борбата против тероризмот и други безбедносни прашања. Водев и неколку европски проекти и во рамките на Центарот за меѓународно право во Сорбона и имам издадено многу трудови од таа област. Не го напуштив тоа поле затоа што сѐ уште предавам меѓународно хуманитарно право на Институтот за меѓународни политички студии во Париз.  Овој предмет го предавам на англиски и е за студенти кои доаѓаат од целиот свет, кои моментално живеат во Париз и кои се заинтересирани за меѓународното хуманитарно право“, вели Зашова.

akad 2

Од компаративен аспект, таа, како професор, вели дека во Франција за време на студиите многу се дава на значење на практичниот дел, за разлика од Македонија каде што има малку пракса, што го смета за слабост на македонското правно образование.

Во Македонија потребно е повеќе практично правно образование на факултетите

„Од она што го знам од кажувањата на пријатели што ги завршија своите студии тука, а споредувавме често со тоа како се одвиваа моите студии во Франција, мислам дека единствена  забелешка е дека не се обрнува доволно внимание на праксата. Кога ние полагавме испити, тоа не беа испити за кои треба да се  прераскаже знаењето од некој учебник,  туку ние полагавме врз база на фиктивни случаи од рамките на граѓанското и кривичното право. Ништо не беше учење напамет. Ги имавме оние „кодови“, граѓанскиот и кривичниот кодекс и требаше да го примениме просто кодот. Тука имам впечаток дека е премногу теоретски. Значи, студентот треба да го научи тоа, да го меморира просто и да го прераскаже на таков начин како што  е напишано во книгата. Тоа во Франција не може да се случи и мене ми беше мило поради тоа бидејќи ми одговара  тој начин на учење. Сметам дека ова треба да се смени во правното образование во Македонија“, истакнува Зашова.

Во Франција не може да стане адвокат „оној што ниту еднаш не стапнал во суд“

Таа открива дека и при нејзиниот престој во Адвокатската комора на Република Македонија и било предочено дека во земјава може да стане адвокат „и оној што ниту еднаш не стапнал во суд“. Тоа во Франција, вели Зашова, не е така и тоа не може да се случи.

„Таму има задолжителна Адвокатска школа, шестмесечна пракса во адвокатска канцеларија, шестмесечна додатна пракса на правни работи,  во некој суд или во министерство, но има и теоретска настава“, вели Зашова.

Кандидатката на Француската академија сугерира дека во македонското правно образование треба да се обрне внимание на практичниот дел од наставата и додава дека оние Македонци што ги знае во Франција апсолутно се способни да се адаптираат на новиот начин на учење.

„Не треба да се губи време во учење напамет. Зошто да биде тоа така кога може на многу поинтересен начин да им се предава и да го применуваат за време на студиите без да вложуваат толкав труд колку што вложуваат тука учејќи стотици страници напамет за висока оценка“, нагласува таа.

akad 2

Значењето на правната култура

Зашова вели дека во Француската академија посебен акцент се става, на правната, но и општата култура. Познавањето на социологијата, филозофијата, историјата, се клучни за едукацијата на судиите и обвинителите.

„Судијата треба да го знае правото, но тој треба да биде едуциран и од областа на социологијата, психологија, филозофијата на правото, историјата, етиката. Потребно е да има голема општа култура, а во Академијата посебно внимание се обрнува на културата на разни народи. Франција е голема земја. Многу народи доаѓаат и поминуваат низ нашата земја. Имаме голем број часови по историја на правото, по психологија, по филозофија на правото, сѐ што ќе направи од нас добри судии, сѐ што ќе ни помогне да го разбереме оној на кого ќе му судиме или ќе го обвинуваме понатаму“, вели Зашова.

Светлана Зашова овој месец  го реализираше својот потребен стаж во странство во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Таа позитивно ја оценува едукацијата во Академијата за судии и јавни обвинители во Македонија, а за нејзиниот престој тука вели дека ѝ значело што нејзините сограѓани се гордеат на нејзините успеси.

Благодарна сум им на сите што изразија гордост

„Очекував да бидам добро примена во Македонија, но не очекував да бидам толку добро примена и толку да бидат сите пријатни. Благодарна сум им на сите што изразија гордост што една Македонка е дел од Француската академија. Горда сум и јас, и како Македонка и како Французинка.  Како Македонка  имам многу поширок пристап кон работите во Франција и знам со  какви предизвици и проблеми се соочува кога доаѓа некој странец. Тоа е голема предност и се согласувам со сите што истакнуваат дека  богатство е да се биде и Македонка и Французинка.“

М.В / veljanoskim@akademik.mk