/ Прочитано:

1.106

Истражување: Државите да преземат конкретни законски мерки за сузбивање на современото ропство

Истражувачите од британската консултантска куќа за глобален ризик „Версик Мејплкрофт“потенцираат дека според Индексот на современото ропство (Modern Slave Index), пет земји членки на Европската Унија, кои претставуваат најголем ризик, односно каде што најмногу се злоупотребува трудот на луѓето од имиграциско потекло се Романија, Грција, Италија, Кипар и Бугарија. Овие земји, како што наведуваат аналитичарите на „Версик Мејплкрофт“, се клучни влезни точки за мигрантите во регионот кои се крајно ранливи категории и подложни на експлоатација.

Британската консултантска куќа за глобален ризик „Версик Мејплкрофт“ во својата најнова студија предупредува дека ризиците од современото ропство во светот драстично се зголемени во речиси три четвртини од 28-те земји членки на Европската Унија.

Истражувачите потенцираат дека според Индексот на современото ропство (Modern Slave Index), пет земји членки на Европската Унија, кои претставуваат најголем ризик, односно каде што најмногу се злоупотребува трудот на луѓето од имиграциско потекло се Романија, Грција, Италија, Кипар и Бугарија. Овие земји, како што наведуваат аналитичарите на „Версик Мејплкрофт“, се клучни влезни точки за мигрантите во регионот кои се крајно ранливи категории и подложни на експлоатација.

Истражувањето опфаќа 198 држави, а во секоја од нив поединечно е анализирана законската регулатива која ги уредува областите кои се однесуваат на заштита и почитување на човековите права и работните односи. Истражувањето, исто така, ја анализира ефективноста на тие закони, како и нивното спроведување во земјите.

Во моментов Романија се смета за земја каде што состојбата со современото ропство е најлошо оценета на глобално ниво. Истражувањето покажува дека во Романија и во Италија се констатирани и пријавени сериозни повреди на човековите права, тешки форми на принудна работа и трговија со луѓе.

Во студијата се наведува дека од почетокот на 2017 година повеќе од 100 илјади мигранти и бегалци пристигнале во Европа, од кои речиси 80 отсто влегле во Италија. Аналитичарите од „Вериск Мејплкрофт“ посочуваат дека најголемиот број од луѓето кои бегаат од кризните жаришта плаќаат големи суми за патувањето и на крајот се принудени да работат сè за да си ги вратат долговите кон трговци со луѓе.

Најтешки форми на ропство, како што се истакнува во студијата, се вообичаени во градежништвото, производството на облека, земјоделството и сексуалната злоупотреба.

Според податоците од Меѓународната организација на трудот, 21 милион лица во светот, меѓу кои и огромен процент се деца, се жртви на принудна работа и други активности за кои се проценува дека на годишно ниво носат профит од 150 милијарди долари.

Инаку, во студијата е потенцирано дека според Индексот на современо ропство, Северна Кореја останува на прво место, нагласувајќи дека тоа е земја каде што состојбата со подложување на принудна работа е најлоша.

Ситуацијата е сериозно влошена и во Турција, која според направените анализи се смета за земја со висок ризик. Приливот на стотици илјади бегалци од војната во Сирија, во комбинација со турскиот систем за ограничување на работните дозволи, доведе до тоа илјадници лица да станат дел од неформалната работна сила. Во текот на изминатата година, како што посочува студијата на „Вериск Мејплкрофт“, неколку познати брендови на турски фабрики за текстил се поврзуваат со откриени случаи на злоупотреба на детски труд и ропство.

Целта на ова истражување е да укаже каде во светот постои сериозно нарушување на човековите права во поглед на принудна работа и во таа насока да се делува, односно владите на државите да предложат стратегии и конкретни законски мерки за сузбивање на современото ропство.

А. Б.