/ Прочитано:

1.018

ИСТРАЖУВАЊЕ: Повеќето граѓани сметаат дека за да добијат услуга од јавната администрација потребно е да имаат врски

Денеска беше презентиран извештајот од истражувањето „Предизвици и проблеми на граѓаните при користењето на услугите од јавната администрација“, изработен од Евротинк – Центар за европски стратегии, во соработка Македонската платформа за борба против сиромаштија.

На денешната презентација на извештајот беше истакнато дека само 18 отсто од граѓаните се задоволни од услугите на јавната администрација. Поединечно по институции, најзадоволни се од работата на Министерството за внатрешни работи, односно од службите за издавање патни исправи, додека најмалку се задоволни од работата на центрите за социјална политика.

„63 отсто од граѓаните сметаат дека за да добијат некоја услуга од јавната администрација потребно е да имаат врски. Сето тоа укажува на клиентелистичкиот однос и недостапноста на услугите за сите граѓани. Ова се должи, пред сè, на недостигот на финансиски и човечки ресурси“, истакна  Дијана Жупановска, од Центарот за европски стратегии – Евротинк, презентирајќи ги резултатите од истражувањето што го спроведе Центарот заедно со Македонска платформа против сиромаштија.

Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија  истакна дека извештајот лоцира дека најголем проблем имаат оние што се неуки или обесправени и при тоа се ограничени да си ги бараат своите права. Здравствените услуги или она што им следува како право во сферата на социјалната заштита се едни од најкритичните бидејќи во таа категорија најчесто се најсиромашните и најранливите категории.

Денешното истражување, кое им беше презентирано на претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, е дел од активностите на кои веќе една година работи Платформата заедно со Фондот за население на ОН во областа на популационите регистри, при што произлегла соработката со Министерството за информатичко општество и јавна администрација во насока на разработка на најавуваниот електронски регистар на население.

М.В