/ Прочитано:

2.475

Итната природа на извршноста од аспект на Советот на Европа

Глобалниот кодекс на извршување на Меѓународната унија на извршители во делот на основните права на извршување го елаборира и прашањето за итната природа на извршувањето.

akademik foto 1

Од корисникот на извршната пресуда нема да се бара да искористи друга постапка поради извршување, се нагласува во Глобалниот кодекс.

Во таа насока, во членот 4, со наслов Итна природа на извршноста, од Глобалниот кодекс на извршување, се посочува дека, според Начелата на транснационалната граѓанска правда, правосилните пресуди на првостепените судови вообичаено веднаш би требало да бидат извршни.

Првостепениот суд или апелациониот суд, се истакнува во Начелата, по службена должност или по барање на странката, во интерес на правдата, можат да го одложат извршувањето на постапката заради одлучување по жалба.

Исто така, како што се подвлекува во Кодексот, според препораките на Советот на Европа, не треба да има одложување на процесот на извршување, освен во услови на причини утврдени со закон. Одлагањето може да биде предмет на одлучување од страна на судот.

Европскиот суд за човекови права смета дека иако државите можат да интервенираат во извршувањето на судските одлуки, таквите интервенции не смеат да имаат за последица опструкција, поништување или прекумерно одлагање на извршувањето, а уште помалку да ја доведат во прашање основаноста на одлуката.

„Одлагањето на извршувањето на судската одлука за одреден временски период, кој е исклучиво неопходен заради наоѓање на задоволително решение за проблемите на природата на јавната политика, може да биде оправдано во одредени околности. Само причини од општествена природа во областа на домувањето или социјалната политика можат да го оправдаат одложувањето од страна на државата за асистенција од страна на полицијата“, се истакнува во судската пракса на Европскиот суд за човековите права.

Во поглед на извршноста на судската одлука, во македонскиот нов Закон за извршување се пропишува дека одлуката е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска. Одлуката, пак,  донесена во управна постапка е извршна ако станала конечна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на обврската.

Рокот за доброволно исполнување на обврската тече од денот на доставување на одлуката до должникот. Врз основа на одлука која во еден дел станала извршна, извршувањето ќе се спроведе само во тој дел.

Извршувањето ќе се спроведе и врз основа на судска одлука која не станала правосилна и врз основа на одлука донесена во управна постапка која не станала конечна, ако со закон е пропишано дека жалбата не го задржува извршувањето на одлуката.

Од аспект на итноста на постапувањето на извршителот, во Законот за извршување се пропишува дека извршителот при спроведување на извршувањето е должен да постапува веднаш и предметите да ги земе во работа по редот како што ги примил, освен ако природата на побарувањето или посебните околности бараат да се постапи поинаку, за што е должен да состави службена белешка.

M.В