/ Прочитано:

3.074

Излагањето на претставникот на АКРМ на јавната дебата за предложените измени на Законот за нотаријатот и Законот за извршување

Интегрален текст на излагањето на адвокатката Жана Кузмановска – претставник на АКРМ на јавната дебата за Законот за нотаријатот и Законот за извршување:

„За да бидат целосно јасни и разбирливи ставовите на АКРМ и нејзините предлози за измените на Законот за извршување и Законот за нотаријатот, најпрвин да ја појасниме уставната и законската рамка врз основа на која адвокатурата ги црпи своите надлежности и дејствува во рамките на правосудниот систем во Република Македонија.

Адвокатурата како самостојна и независна јавна служба е содржана во членот 53 од Уставот на Република Македонија, во делот на главата од Уставот која содржи гаранции за основните слободи и права. Не случајно адвокатурата е дел од главата во која се содржани гаранциите на основните права и слободи на граѓаните предвидени со Уставот бидејќи како јавна служба е единствено надлежна, преку пружање на правна помош, да ги заштитува и да се грижи за успешна реализација на правата на учесниците во правниот промет преку процедура пропишана со закон. Позицијата на адвокатурата е поконкретно разработена во Законот за адвокатура, а учеството на адвокатите во постапките е регулирано во многу други материјални и процесни закони кои се применуваат кога се одлучува за правата на граѓаните. Оттука, поаѓајќи од Уставот, па преку законската регулатива од различни области на општественото живеење, до законите со кои од процесен карактер се регулирани правилата на постапување, единствено адвокатурата може да гарантира за пружената правна помош при спроведување на постапките пред сите надлежни органи во Република Македонија, и за тоа има обврска да има законско покритие, покрај со својата стручност, и со осигурително покритие за својата одговорност (професионално осигурување од одговорност). Оттаму, задолжителноста на учеството на адвокат како застапник на странката во постапките и адвокатскиот печат ѝ дава целосна правна сигурност на странката дека нејзиното право е заштитено и од аспект на стручност при составот и постапувањето, и од аспект на професионална одговорност на адвокатот кој го става својот печат. Гаранцијата за заштита на правата на странките (физички и правни лица) во овој случај е двојна бидејќи адвокатот има законска одговорност за преземените дејствија и има осигурително покритие за таа одговорност.

I.

АКРМ смета дека Законот за измени и дополнувања на Законот за нотаријатот, од една страна, има тенденција да го минимизира значењето на граѓанинот во постапката и неговата правна заштита и сигурност, а од друга страна, ги проширува надлежностите на нотарите на сметка на другите фели во правосудството, особено на адвокатурата, со тоа што прави обид давањето правна помош преку овој закон да го дефинира како надлежност на нотарите, иако според дефиницијата на стварната надлежност на нотарите давањето правна помош не спаѓа во нивниот делокруг на работа. Оттука, сметаме дека предложениот Закон има концепциски погрешен приод и погрешна ориентација со можни сериозни импликации врз правната држава, особено што во него се содржани проблематични (противуставни) решенија со кои се фаворизира нотаријатот на сметка на адвокатурата, а сето тоа под плаштот на интересите на граѓаните и правните лица учесници во правниот промет.

Во суштина, се работи за изедначување на нотарите со адвокати во делот на пружање правна помош, што, имајќи го предвид значењето на нотаријатот како поим во правосудниот систем, не би смеело да се дозволи. Особено е недозволиво нотарите за пружената правна помош да наплаќаат награда, нешто што во пракса многу нотари, користејќи ги недореченостите во законската регулатива, го правеа и на тој начин де факто ја прошируваа својата стварна надлежност.   Во таа смисла АКРМ даде свои забелешки на Законот за нотаријатот и ги достави до Министерството за правда, па овде ќе напоменеме само неколку кратки поенти.

Особено е интересно решението во делот на нотарскиот акт, поточно делот на составот и задолжителноста на нотарскиот акт. Во овој дел сметаме дека нотарите во најголем дел се обидуваат да направат незаконит и противуставен упад во правниот систем на Република Македонија, со тоа што освен во стриктно утврдените ситуации во законот си даваат дискреција, поточно обврска да составуваат нотарски акт доколку тоа го побараат странките учесници во постапката. Како што погоре наведов, пружањето на правна помош не е надлежност на нотарите, туку претставува нивен упад во надлежноста на адвокатите, дотолку повеќе што нотарите за составот на нотарскиот акт наплаќаат награда. Затоа, остануваме на сите алтернативи дадени од АКРМ во врска со делот на Законот каде што се обработува нотарскиот акт во новиот Закон, каде што поентата на нашите предлози е да се внесе забранувачка норма во Законот со која на нотарите ќе им се забрани да вршат работи од доменот на пружање правна помош како составување договори, изјави, полномоштија и други писмена и за нив да наплаќаат награда. Или барем да се изедначи цената на солемнизација и нотарски акт, што со други зборови значи нотарите да не можат да го наплаќаат составот на нотарскиот акт.

Обидот за повластување на нотарите е особено видлив во предлогот само трошоците на нотарот да бидат заштитени по донесување на НПН, но не и на другите учесници во постапката (чл. 75 став 4). Недопустливо е нотарот, кој води постапка со учество на две странки, доверител и должник, да носи решение за наплата само на своите трошоци, а другите учесници да ги упатува на суд и да ги изложува на дополнителни судски трошоци. Кај постапката за НПН прешироко е дефинирана веродостојната исправа (член 70 став 2) со што е оставена преголема диспозиција на подносителите и нотарите да предлагаат и носат НПН на штета на должниците бидејќи ваквата диспозиција создава дополнителни проблеми за утврдување на фактичката состојба по приговор пред судовите, каде што должниците се изложени на дополнителни непотребни трошоци (за вештачења на пример).

Покрај тоа што со давањето на правна помош се изедначуваат со адвокатите, преку  делот на Законот околу НПН и оставинските постапки, нотарите се изедначуваат со судиите и навлегуваат во надлежноста на судот, па можеби треба да се размисли овие постапки да се вратат во судовите каде што учеството во постапките е регулирано со ЗПП како системски закон со јасни правила на постапување, без дополнително оптоварување со процесни правила од други закони (Закон за нотаријатот). Ваквата варијанта е многу поповолна за граѓаните бидејќи на тој начин ќе се намалат трошоците со оглед дека пред судот се плаќа само судска такса, а во постапките пред нотар покрај судска такса се плаќаат нотарска награда, материјални трошоци и трошоци за клаузула за правосилност и извршност.

Почитувани, молам јавноста и носителите на власт да имаат превид дека адвокатурата во Република Македонија е целосно отворена за младите кадри и во моментов годишно по 200 млади правници стануваат адвокати.

 Во моментов се 2700 адвокати и е невозможно да им се објасни дека постои каква било основа работата од која опстануваат да се префрла на мала група нотари кои се во моментот помалку од 200, а нотаријатот е професија во која младите правници немаат шанси да влезат за разлика од адвокатурата.

 Токму затоа во работната група АКРМ предложи во Законот да се воведе либерализација на бројот на нотарите како што е тоа на пример сторено во Полска и во други европски држави, а ефектот беше автоматска демонополизација на нотарската професија.

II.

Текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување сметаме дека во суштина е многу поприфатлив и со новите решенија ќе придонесе за надминување на настанатиот застој во извршувањето во речиси цела 2017 година. Сепак, АКРМ инсистира на своите алтернативи дадени на текстот на Законот бидејќи со нив се става ред во областа на правниот промет и јасно се дефинира положбата на секој учесник при преземање дејствија во постапките. Имено, задолжителноста на составот на актот од адвокат и адвокатскиот печат и потпис, освен правната сигурност за странката, има и поширока општествена оправданост. Ваквата оправданост се гледа во тоа што не само во областа на извршувањето, туку и пошироко во правниот промет, како проблем се јавува надриписарството кое како дело, и покрај тоа што е казниво со кривична одговорност, сепак е многу распространето и на тој начин создава правна несигурност како кај правните и физичките лица кои немаат никакви со закон утврдени заштитни механизми за заштита на своите права во однос на надриписарите (освен кривичната санкција), така и кај адвокатите, кои се соочуваат со нелојална конкуренција што значително го урива значењето и угледот на адвокатурата како уставна категорија, го намалува обемот на работа на адвокатите а со тоа ја поттикнува сивата економија која по дефиниција го следи надриписарството.

Во таа смисла, карактеристично за некои правни лица доверители е што се обидуваат работата на адвокатите да ја доверат на агенции за наплата. Сметаме дека по поведувањето на судската постапка агенцијата за наплата повеќе нема надлежност, ниту смее да го известува или да контактира со должникот или тужениот бидејќи со тоа навлегува во забранета зона која е во спротивност не само со процесните закони, туку и со Законот за заштита на личните податоци, со оглед дека агенцијата ги дознава податоците за одредено лице од документите кои произлегле од судските списи. Овластувања за пружање на правна помош во ваква ситуација, како и за користење на податоци од судските списи, има само адвокатурата, која како составен дел од своите обврски има и да ги чува како тајна работите (податоците) што ги дознава при вршење на дејноста. Сè друго значи продор на надриписарството на голема врата во правниот систем на Република Македонија.

Сметаме дека алтернативата на АКРМ за задолжителност на составот од адвокат со  печат и потпис на акти со вредност над 5.000,00 евра е оправдана и прифатлива опција, па предлагаме да биде преточена во Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, но таа треба да биде со важност за сите доверители, бидејќи, ако не важи за сите, тогаш постои нарушување на еднаквоста на правните субјекти, а тоа ќе биде причина за повторна интервенција на Уставниот суд.“