/ Прочитано:

7.346

Измени на законите за административните службеници и за вработените во јавниот сектор  во собраниска процедура

Група пратеници во Собранието на РМ предложија измени на Законот за административните службеници и на Законот за вработените во јавниот сектор по скратена постапка.

Предложените измени на Законот за административни службеници ќе овозможат сите административни службеници кои повеќе од две години имале исто звање, кои ги исполнуваат законските услови, а кои го менувале работното место, да можат да аплицираат на интерните огласи за унапредување.

Измените на Законот за вработените во јавниот сектор ќе обезбедат зајакнување на институциите поврзани со пристапување на Република Македонија во ЕУ, ќе го поврзе начинот на планирање на буџетот со планирањата на вработувањата и ќе овозможи рационално искористување на човечките ресурси во институциите од јавниот сектор.

Образложението на предложените измени на Законот за административните службеници:

„Со членот 48 од Законот за административни службеници се уредува интерниот оглас како почетна фаза во постапката за унапредување на административните службеници.

Согласно ставот 5 од овој член, на интерниот оглас за унапредување, може да се јави административен службеник, вработен во истата институција, кој ги исполнува општите и посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација како и:  да е оценет со оцена „А” или „Б” при последното оценување; да е на работно место на непосредно пониско ниво или да е на работно место во рамки на истата категорија во која е работното место за кое е објавен интерниот оглас; да поминал најмалку две години на тековното работно место и да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Со членот 1 од Предлог-законот за дополнување на Законот за административни службеници, алинејата 3 од ставот 5 се врши дополнување, со тоа што се допрецизира дека на интерниот оглас може да се пријават сите административни службеници кои поминале најмалку 2 години на тековното ниво на работно место, односно кои имале исто звање. Со членот 2 се уредува стапувањето на сила на овој закон.“

Образложението на предложените измени на Законот за вработените во јавниот сектор:

„Измената на членот 17 став (4) им овозможува на одредени институции од јавниот сектор, чие работење е поврзано со ЕУ проекти и со процесот на интегрирање на РМ во ЕУ, во своите интерни акти да имаат утврдено поголем број на систематизирани работни места. Оваа одредба ќе се користи по спроведена функционална анализа, базирана на докази, како и по одобрение од Министерството за информатичко општество и администрација и од органот надлежен за буџет. На овој начин се овозможува зајакнување на одредени институции во одделенијата/секторите кои ќе бидат вклучени во спроведување на ЕУ проекти, во процесот на прилагодување на законодавството и интегрирање на РМ во ЕУ.

Со членот 20-б, делумно се менува постапката и роковите за донесување на годишните планови за вработување. Имено, примената на досегашниот Закон за вработени во јавниот сектор, покажа дека рокот за првично поднесување на предлог годишниот план  не соодветствува со рокот за планирањето на буџетот, односно досегашните рокови не овозможуваат планирањето на човечките ресурси (нови вработувања, планирани пензионирања, движења, намалување на број на вработени и сл.) да биде рационално и ефективно. Ова доведува до многу измени на плановите во текот на годината. Затоа се предлагаат рокови во втората половина од годината, наместо во првата за донесување на годишните планови за вработување, односно се предлага поврзување на процесот на буџетско планирање со процесот на планирање на човечки ресурси.

Со преодната одредба од овој закон се овозможува на институциите од јавниот сектор кои не донеле годишни планови за вработување за 2019 година, истото да го сторат во рок од 15 дена од денот на усвојување на буџетот на институцијата за 2019 година. Имено, голем дел од институциите не беа во можност да го изготват и достават планот за вработување до институциите надлежни за негово одобрување, од причина што актите за внатрешна организација и систематизација на работните места кои беа затечени се правени или без претходна функционална анализа, или без да се имаат предвид стратешките цели и задачи на институциите, а од друга страна нема доволно обучен кадар за подготовка на стратешки планови и годишни планови за вработување. Конкретно, голем дел од институциите не можеа да ги подготват плановите во рокот, од причина што функционалните анализи и/или систематизациите не беа донесени, а информациите кои треба да бидат пресликани во плановите за вработување се токму од нив.“

М.В