/ Прочитано:

2.556

Измени на Законот за градежните производи

Владата на РМ во Собранието на РМ предложи измени на Законот за градежните производи. Со Предлог-законот,  се вели во законското образложение, ќе се овозможи носење подзаконски акти, кои ќе произлегуваат од овој закон, утврдување на усогласените услови за пуштање на пазар на исправен градежен производ, како на домашниот така и на Европскиот пазар, и подобрување на текстот за да биде поразбирлив за крајниот корисник.

Условите за пуштање на пазар на исправен градежен производ се одразуваат на националните стандарди за производи, националните технички одобренија и технички спецификации кои се поврзани со градежните производи. Овие правила не се однесуваат само на безбедност на градбите  и на градежните работи, туку и на здравјето, издржливоста, заштеда на енергија и заштита на животната средина.

Предложеното законско решение ќе придонесе за поедноставување на административните постапки, за скратување на времето потребно за добивање на именување на телата и е во функција на зголемена ефикасност за контрола и сузбивање на сите технички трговски бариери во оваа област. Правилата ќе бидат содржани и објаснети во подзаконските акти кои ќе произлезат со оваа измена.

„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи ќе се создадат услови за носење на подзаконски акти во најкраток можен рок, а истите ќе ги уредат системите за оцена и потврда на постојаноста на својствата на градежните производи, дејствијата кои во рамките на оцената и потврдата на постојаноста на својствата на градежните производи ги спроведуваат производителите на градежните производи,  како и  документите за оцена и потврда на постојаноста на својствата на градежните производи.  На овој начин се воведува еднаков третман на условите за пласирање на пазарот или ставање на располагање на пазарот на градежни производи со воспоставување усогласени правила за функционалноста на градежните производи во врска со нивните основни карактеристики“, се вели во законското образложение.

М.В