/ Прочитано:

2.296

Измени на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина чија цел е академската слобода

Владата на РМ поднесе предлог-закон за изменување на законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, по скратена постапка

Со решенијата содржани во предлог-законот, велат од Владата на РМ, ќе се постигне медицинските студии, односно високото образование од областа на медицината, да се вршат во согласност со Законот за високото образование, со што ќе им се обезбеди академската слобода на високообразовните установи.

Со предложените измени се бришат одредбите со кои се уредуваат медицинските студии, студиските програми за образование и стекнување квалификации за вршење дејност на доктори на медицина, полагањето на стручниот испит за докторите на медицина; пробната работа и полагањето на стручниот испит за докторите на медицина да се врши согласно прописите за здравствена заштита и видеоснимање на медицински интервенции за научни цели.

Во постоечкото законско решение се вели дека со цел унапредување на вештините и знаењата на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите задолжително се врши видеоснимање на сите ендоскопски и лапароскопски интервенции, роботска хирургија и сите други интервенции каде што опремата овозможува видеоснимање, како и сите хируршки интервенции што вклучуваат хируршки методи кои се нови или методи кои не ги имаат совладано мнозинството специјалисти, односно супспецијалисти во здравствената установа, кои се вршат во здравствените установи во Република Македонија.

„За потребите за образовни цели и унапредување на вештините и знаењата на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите се врши видеоснимање на медицинските интервенции каде што опремата овозможува видеоснимања кои се утврдени од директорот на здравствената установа на предлог на одговорниот раководител на внатрешната организациона единица во установа, во соработка со одговорниот раководител на соодветната катедра на медицинскиот факултет“, се предлага во законските измени.

Објаснување на содржината на одредбите на предлог-законот

Со член 1 од предлогот се врши промена на насловот на Законот.

Со член 2 од предлогот со кој се менува постојниот член 1 од Законот се бришат  условите и постапката за стекнување квалификации за вршење на професијата доктор на медицина на територијата на Република Македонија, студиските програми за образование и стекнување на квалификации за вршење дејност на доктори на медицина, полагањето на стручниот испит за докторите на медицина, односно предмет на уредување на Законот останува континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, следењето на новите сознанија во медицината, унапредувањето на знаењето и практичните вештини на докторите на медицина.

Со член 3 се бришат членовите 2, 3, 4, 5  и 6 од Законот со кој беа уредени условите и постапката за стекнувањето квалификации за вршење на професијата доктор на медицина на територијата на Република Македонија, студиските програми за образование и стекнување на квалификации за вршење дејност на доктори на медицина, полагањето на стручниот испит за докторите на медицина. Со ова решение се обезбедува медицинските студии односно високото образование од областа на медицината да се врши согласно Законот за високото образование, со што ќе им се обезбеди академската слобода на високообразовните установи.

Со член 4 од предлогот со кој се менува постојниот член 7 став (1) , ( 3)  и (10) се брише помошниот медицински кадар, со оглед дека не е предмет на уредување на овој закон, со ставовите (4), (5) , (6), (7), (8) и (9)  планирањето на континуираното стручно усовршување е обврска на јавните здравствени установи во зависност од дејноста што ја вршат и нивните потреби, а не со утврдување на бројот на обуките (најмалку 1.000 обуки годишно) со закон.

Со член 5 од предлогот со кој се менува постојниот член 8 и обврската за покривање на трошоците останува на јавните здравствени установи, а успешно завршена обука не е основ за зголемување на плата бидејќи материјата за плати и надоместоци е уредена со прописите од областа на здравствената заштита и колективните договори..

Со член 6  од предлогот со кој се менува постојниот член 9 се брише ставот (4) бидејќи истото се уредува со прописите од областа на здравствената заштита, а со измените на ставот (9) се предлага со лекарските колегиуми да раководи доктор на медицина специјалист од соодветна област на медицината овластен од директорот на здравствената установа на предлог на стручниот колегиум.

Со член 7 од предлогот со кој се менува член 11 став (1) од Законот каде што за потребите за образовни цели и унапредување на вештините и знаењата на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите ќе се врши видеоснимање на медицинските интервенции каде што опремата овозможува видеоснимање, кои се утврдени од директорот на здравствената установа по предлог на одговорниот раководител на внатрешната организациска единица во установа во соработка со одговорниот раководител на соодветната катедра на медицинскиот факултет.

Со член 8 со кој се менува членот 12 од Законот се врши усогласување со измените на претходните членови.

Со член 9 со кој се менува членот 13 од Законот заради усогласување со член 7 од предлогот.

Со член 11 со кој се менува членот 16 од Законот соодветно се усогласува постојниот текст со предложените измени.

Со член 12 се утврдуваат рокови за усогласување на студиските програми.

Со член 13 се уредува студирањето на студентите кои ги почнале студиите по медицина и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/13, 39/14, 144/14 и 150/15).

При што, студентите кои ги започнале студиите по општа медицина потребни за вршење на професијата доктор на медицина во академската 2013/2014 година ќе ги завршат студиите во согласност со Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/13, 39/14, 144/14 и 150/15) и студиските програми акредитирани согласно тој закон и  ќе го довршат полагањето на стручниот испит согласно прописите од областа на здравствената заштита, а студентите кои ги започнале студиите по општа медицина потребни за вршење на професијата доктор на медицина во академските 2014/2015 година , 2015/2016 година и 2016/2017 година ќе ги завршат студиите согласно со Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/13, 39/14, 144/14 и 150/15) и студиските програми акредитирани согласно овој закон и стручниот испит ќе го полагаат согласно прописите од областа на здравствената заштита.

М.В