/ Прочитано:

1.838

Измените на семејното законодавство и дефинирањето на еднородителското семејство се очекуваат следната година

Денеска во организација на „Една може“ беше промовирана анализата за состојбата на самохраните мајки во Македонија „Еднакви права и можности за самохраните мајки“.

Оваа анализа претставува придонес во напорите да се создаде сеопфатен аргументиран документ – темел на кој ќе се гради понатамошното обезбедување на еднакви стартни позиции на жените самохрани мајки и конкретно на еднородителското семејство.

Анализата, беше истакнато на тркалезната маса „Еднакви права и можности за самохраните мајки“, прави посебен придонес кон унапредување на состојбата на самохраните мајки и на специфичниот вид семејство и ќе биде основа за соодветен третман кон овие жени и нивните семејства.

„Целта на анализата е да обезбеди основно разбирање за позициите на самохраните мајки претставнички на овој вид семејства, да истражи можности за преосмислување на правата и можностите преку измени и дополнувања на политики и мерки кои се однесуваат на нив. Нужноста од оваа анализа ја согледавме преку емпириски податоци од дојави и поплаки на самата целна група кон ‘Една може’. Низ детална истражувачка работа, детектирано е непостоење на никакви конкретни и специфицирани политики и мерки, а со тоа и игнорантност кон овие жени и семејства. Потребата од континуирано унапредување на законодавството, локално и национално, ја согледуваме преку податоци за рапидниот пораст на сиромаштијата, неможностите за економска слобода и стигматизацијата од околината, кои се во согласност со извештаите со препораки од ЕУ во однос на родовата нееднаквост и дискриминацијата врз жените. Искрено се заложуваме оваа анализа да трасира понатамошни решенија, кои нудат напредок на состојбата на жените самохрани мајки и еднородителските семејства, и да придонесе за напредок по патот во остварување на родовата еднаквост и правата на жените“, вели Дороти Пачкова, претседателка на „Една може“.

Една од препораките во анализата е дека е потребно законско дефинирање на терминот самохран родител и еднородителско семејство. Во анализата се посочува дека непостоењето на адекватна дефиниција за самохран родител и еднородителско семејство претставува основен проблем, но и појдовна точка за правилно препознавање и правен третман на овие семејства во Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешниот настан нагласи дека дефинирањето на еднородителското семејство се очекува следната година. Следната година ќе почне процес на измени на Законот за семејство со цел да се интервенира во него и да се даде јасна дефиниција за тоа што претставува овој вид семејство.

„Сепак, дефиницијата ќе биде дел од еден посложен процес на дефинирање на сите други видови семејства кои постојат во праксата, а не се препознаени во законските решенија. Кај нас, воопшто, кога се дискутира за семејство, мошне тешко се отвора тоа прашање, рече Царовска.

„Припадниците на овој вид семејство се обесправени, некако се во сивата зона, работите не се дорегулирани и сето тоа прави проблем во остварувањето на основните граѓански права и поддршката што треба да ја добијат. Кога говориме за еднородителските семејства, речиси секогаш помошта се поврзува со материјалната, но не секогаш еднородителското семејство има потреба од материјална помош“, додаде министерката.

Царовска нагласи дека при дефинирањето на еднородителското семејство треба точно да се прецизира значењето. Прашањето е дали станува збор за еднородителско семејство ако постои другиот родител, ако е признат и ако плаќа алиментација затоа што тука имаме финансиски средства, но и присуство на другиот родител.

„Со дискреционото право на системот на социјална заштита треба да се утврди дали тоа присуство е вистинско или не. Ако другиот родител исплаќа само финансиски средства и не е присутен во растот на детето, тогаш, веројатно, тоа ќе го дефинираме како еднородителско бидејќи имаме потреба од услуга како поддршка за менаџирање на тоа семејство“, рече Царовска.

М.В