/ Прочитано:

1.709

Измените на Законот за трговските друштва со кои од законот се бришат тајните друштва во собраниска процедура

Целта на Предлог на законот, велат од Влaдата, е да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва од Законот за трговските друштва, со што би се зголемила транспарентноста во правниот промет и би се намалиле можностите за даночно затајување.

На овој начин и со отстранување на оваа форма од правниот промет, Република Македонија ќе ја задржи оцената за размена на информации по барање на даночни цели, која ќе има позитивно влијание и во однос на скрининг мисијата на работната група при Советот на ЕУ, со цел објавување на ЕУ листа на некооперативни јурисдикции за даночни цели.

„Согласно со препораките на меѓународните организации во насока на зголемување на транспарентноста, намалување на даночната евазија и даночното затајување, потребно е да постои достапност на информации за правниот или вистински сопственик на правните субјекти, како и даночната администрација да има пристап до тие информации, со цел да може да ги користи за свои цели и да ги разменува со другите даночни администрации. Со оглед на тоа дека тајното друштво е форма на друштво кое нема правен субјективитет и не се запишува во трговскиот регистар, како и тоа дека идентитетот на тајниот содружник третите лица не го познаваат се предлага негово бришење“, образложуваат од Владата.

Во Законот за трговските друштва се вели дека „тајно друштво настанува со договор со кој едно лице (таен содружник) вложува, односно учествува со паричен и непаричен влог во претпријатието на друго лице – претприемач – јавен содружник и врз основа на влогот стекнува право да учествува во добивката и во загубата на претпријатието. Влогот на тајниот содружник влегува во имотот на претприемачот – јавниот содружник.“

Тајното друштво нема правен субјективитет и нема фирма. Тајното друштво, се пропишува во Законот за трговските друштва, постои само во односите меѓу тајниот содружник и претприемачот – јавниот содружник и не настапува во односите со трети лица.  Претприемачот настапува во правниот промет и е исклучителен носител на сите права и обврски од работењето.

Ќе се бришат одредбите за тајните друштва од Законот за трговските друштва

М.В