/ Прочитано:

9.140

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Еколошки налепници и субвенции за возила на електричен погон или хибридни возила

Владата на РМ ги поднесе измените на Законот за возила во Собранието на РМ. Со предложените измени и дополнувања на Законот за возила  се уредуваат и се поедноставуваат управните постапки за одобрување на тип и единечно одобрување на возило, овластување на технички служби и правни лица кои вршат технички преглед на возила и идентификација и оцена на техничката состојба на возилата, овластување на правни лица кои вградуваат плински уреди на возилата, овластување на технички служби за одобрување на возила за превоз на опасни материи и инспекција и издавање на „АДР-сертификат“  на претходно одобрени возила за превоз на опасни материи.

Се воведуваат регистри за согласности за регистрација и потврди за сообразност во електронска форма, потврда за одобрување на возило за превоз на опасни материи во согласност со Законот за општата управна постапка  („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/15) и во согласност со заклучоците на Владата на Република Македонија се воведува еколошка налепница и еколошка категоризација на возилата и се уредува субвенционирањето на возилата со електричен погон и со вграден уред за погон со ТНГ.

„Министерството за економија врз основа на претходното, а и добиените мислења за Предлог законот изврши дополнување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, во насока на усогласување со одредбите со Законот за општата управна постапка и донесените заклучоци на Владата на Република Македонија во врска со заштита на животната средина  гледано од агол на штетни состојки на издувните гасови од моторите на возилата, воведување на Програми за субвенционирање на дел од трошоците за: купување на возила на електричен погон или хибридни возила, за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 41 став (1), со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Еуро емисиони стандарди на нивните мотори се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило кое е во сообраќај на патиштата“, се образложува во законските измени.

Со програмите за субвенционирање предвидени се финансиски средства во износ од 170.000.000 денари во 2019 година, 245.000.000 денари во 2020 година и 320.000.000 денари во 2021 година.

Како што објави Академик, Министерството за економија започна со подготвката на измените на Законот за возила на почетокот на оваа година.  Потребата од воведување еколошки налепници  ја истакнаа и градските власти, кои предложија возилата при регистрација да добиваат еколошки налепници во разни бои за полесно да се исклучуваат од сообраќајот кога е загадено.

Се воведуваат еколошки налепници за возилата и посебни таблици за такси-возилата

М.В