/ Прочитано:

1.114

Измените на Законот за заштита на сведоци за надлежностите на СЈО и Програмата за заштита на сведоци

Со предложените измени на Законот за заштита на сведоци, кој е во собраниска процедура, се додава нов член 15-а со кој се даваат надлежности на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во делот на одлуката за вклучување во Програмата за заштита на сведоци.

„Имено, во согласност со овој член, за предмети од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во согласност со  Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, одлука за вклучување во Програмата од членот 15 од овој закон донесува јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во законското образложение.

Оваа одлука јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја донесува врз основа на писмено барање за вклучување во Програмата доставено од сведокот, соработникот на правда, жртвата која се јавува во својство на сведок или од Министерството за внатрешни работи.

Барање за вклучување во Програмата може да поднесе и лице кое поради можната опасност да биде изложено на заплашување, закана со одмазда или опасност по животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имот од поголем обем, не се согласува во својство на сведок да даде исказ во кривичната постапка, по што јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе ги обезбеди податоците од членот 16 од  Законот за заштита на сведоци во кој е регулирана содржината на барањето за вклучување во Програмата.

Исто така, во овој член е пропишано дека јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до Одделението ги доставува сите неопходни информации за лицето за кое се бара вклучување во Програмата заради добивање мислење во кое ќе бидат содржани описот и процената на опасноста која му се заканува на лицето, предлог на трошковник за спроведување на мерките за заштита и предлог на мерки за заштита и нивно траење. Во овој член е дадена и надлежност на јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дека може да донесе одлука за примена на мерката за заштита „промена на идентитет “.

М.В