/ Прочитано:

1.298

Измените на Законот за здравствена заштита и на Законот за ученичкиот стандард влегуваат во собраниска процедура

На предлог на Министерството за здравство, Владата донесе одлука до Собранието на РМ да биде доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во кој, меѓу другото, се укинува принципот на плаќање по учинок на здравствените работници и основната плата и делот за успешност ќе се утврдуваат во согласност со Колективниот договор, како и создавање на услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи.

Исто така, информираат од Владата, усвоен е и најновиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за ученичкиот стандард и Владата  донесе одлука, во согласност со членот 137 од Деловникот на Собранието, да го достави до Собранието на Република Македонија.

Со предложените измени во Законот за ученичкиот стандард се дава можност Министерството за образование и наука да им додели средства на јавните ученички домови, односно на јавните средни училишта во чиј состав има ученички дом за трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија, потрошена вода и слично, за потребите на ученичкиот дом, доколку настанат непредвидливи ситуации кои ги зголемиле трошоците, а не можеле да се предвидат и да се планираат во нивните буџети.

М.В