/ Прочитано:

1.711

Извршителите се вклучуваат во проектот за отпис на долговите на социјално ранливите граѓани

Четврток, 7 август 2014 – Управниот одбор на Комората на извршители на РМ (КИРМ) денеска донесе одлука за прифаќање на иницијативата во врска со примена на Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории.

„Управниот одбор на Комората на извршители на РМ на денешната седница донесе одлука со којашто ќе препорача извршителите да се приклучат кон проектот на Владата на РМ за еднократен отпис на долговите на граѓаните. Во оваа насока ние денеска  ќе ги повикаме сите наши колеги да се приклучат во оваа акција со потпишување на изјавата и договорот со Министерството за финансии со коешто ќе се регулираат правата и обврските на едната и другата страна. Ние сме вршители на јавни овластувања и со ова сакаме да покажеме општествена одговорност со што се откажуваме од нашата награда, извршителските трошоци кои се направени во текот на извршната постапка“, вели Зоран Петрески, претседател на КИРМ.

Од КИРМ веруваат дека сите извршители ќе се приклучат кон повикот.

„Има 99 извршители во Македонија и веруваме дека сите ќе го прифатат овој повик и ќе ја почитуваат одлуката на Комората и ќе ја потпишат изјавата. Од оние разговори коишто ги имавме деновиве со нашите колеги, а и од атмосферата која владееше во Управниот одбор верувам дека сите колеги ќе се приклучат“, истакнува Петрески.

Претходно, одлука за приклучување кон акцијата донесоа и двете најголеми банки во државава, Комерцијална и Тутунска, а акцијата ќе ја поддржи и ЕВН Македонија.

Министерството за финансии распиша јавен повик на кој треба да се пријават сите правни лица кои имаат побарувања од граѓаните од социјално ранливите категории. Повикот е отворен до 11 август.

Во следната фаза, лицата кои ги исполнуваат условите за отпис ќе треба да ги достават документите до Центрите за социјална работа во општините во кои што живеат. Отписот ќе започне од сптемеври. Според законските одредби, предвиден е отпис на  долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, и за радиодифузна такса.

Според првичните проценки со ова законското решение ќе бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, но конечната бројка на граѓаните и вкупниот износ за отпис ќе зависи од тоа колку граѓани ќе се пријават и колку од нив ќе ги исполнат условите.

E.П. / pavlovskae@akademik.com.mk