/ Прочитано:

1.246

ЈАНЕВА: СЈО да се припои кон Јавното обвинителство како самостојна институција за гонење корупција од висок профил

„Законскиот мандат на Специјалното јавно обвинителство не е изминат, и од тие причини изразуваме уверување дека во пракса ќе се преземат мерки за целосна имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, усвоена од Владата на Република Македонија и дека во најскоро време и ова јавно обвинителство ќе постапува во согласност со роковите предвидени во Законот за кривична постапка и Кривичниот законик, што е неопходно потребно и за ова јавно обвинителство во функција на успешно остварување на неговата основна цел и мисија“, истакна на денешната прес-конференција специјалната обвинителка, Катица Јанева.

„Во оваа насока, се надеваме дека ќе бидат донесeни соодветни законски решенија, особено за реализација на целта предвидена во Стратегијата, со кои ќе се овозможат услови, по изминување на мандатот пропишан со законот, во 2020 година ова јавно обвинителство да се трансформира и да се припои кон Јавното обвинителство на Република Македонија како самостојна институција во постапувањето по делата од негова надлежност и гонење на кривични дела на корупција од висок профил“, додаде обвинителката.

Доколку од страна на надлежните институции во рамките на траењето на законскиот мандат на Специјалното јавно обвинителство, истакна Јанева, се изнајде решение за начинот на кој ова јавно обвинителство ќе поднесува обвиненија до судовите, верувам дека од наша страна ќе се поднесат и други обвиненија и дека ќе има можност јас и обвинителите во Специјалното јавно обвинителство истите да ги застапуваме во согласност со нашата законска надлежност пред судовите во Република Македонија.

„Она што беше уште една потврда на нашата работа во изминатиот период е и судската пракса воспоставената со решенијата на Апелациониот суд Скопје, со кои е потврдено дека снимките кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите со донесувањето на Законот за Специјалното јавно обвинителство се дел од правниот поредок на Република Македонија и како такви претставуваат доказ во судските постапки. При тоа, одобрувањето на најголемиот број поднесени обвиненија, ценејќи ги сеопфатните материјални и вербални докази обезбедени од наша страна, за кои се веќе закажани или започнати рочишта од страна на судот, ја покажуваат оправданоста на поднесените обвиненија. Имајќи го предвид наведеното, очекувам дека и во претстојниот период од страна на судот ќе се ценат доказите поднесени во прилог на обвиненијата и дека ќе бидат потврдени и преостанатите неколку обвиненија, со што во целост ќе се овозможат услови во соодветни судски постапки да докажеме дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар“, посочи обвинителката.

М.В