/ Прочитано:

1.757

Јавен настан „Очи за еднаквост“

Еден од најуспешните параолимписки пливачи во светот, лордот Крис Холмс од Ричмонд, Велика Британија кој е добитник на девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал, доаѓа во Скопје, информираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

По бројните мотивирачки говори на ТЕД-конференциите низ светот, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет, овој голем борец за социјална инклузија на лицата со попреченост ќе ја сподели својата инспиративна приказна на јавен настан „Очи за еднаквост“ на 1 јуни 2017 (четврток) во 12:00 часот  во Младинскиот културен центар – Скопје.

Целта на настанот е покренување на свеста во општеството за способностите што ги имаат лицата со попреченост и нивно мотивирање за активно учество во општествениот и културниот живот. Настанот е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, поддржан од Британската амбасада во Македонија.

За своите искуства во спортот во Република Македонија ќе говорат и македонскиот параолимпиец Бранимир Јовановски и Вангел Тркаљанов кој се занимава со параглајдерство. Пораки за инклузија, антидискриминација и правда ќе споделат и Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Македонија и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Модератор на настанот ќе биде новинарката Ана Јовковска.

„Многу ми е драго што ќе го посетам Скопје во поддршка на мисијата на Обединетото Кралство.  Особено се радувам што ќе се  видам со многу луѓе од различни организации и средини. Ова е мојата прва  посета на Македонија и искрено се радувам што ќе искусам нов град и нова држава“, вели лорд Крис Холмс од Ричмонд, Велика Британија.

„Општество кое сфаќа дека не се сите луѓе исти, кое создава простор и дава поддршка на сите на кои тоа им е потребно и кое не ги крие некои од своите членови, ќе биде посилно општество и со поголема самодоверба“, истакнува  Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Македонија.

„Преку овој проект, сакаме да им дадеме глас на невидливите во нашето општество, маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници“, нагласува Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

„Пристапот до правда, особено во случаи на дискриминација, е речиси невозможен за ранливите групи во нашето општество, кои често се наоѓаат и во социјален ризик“, истакнува Неда Чаловска-Димовска, координаторка на проектот.

Лордот Крис Холмс од Ричмонд, кој на возраст од 14 години сосема неочекувано, преку ноќ, го изгубил видот е еден од најуспешните параолимписки пливачи со освоени девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал. Лордот Холмс, исто така, бил директор на Параолимпијадата, одговорен за организација на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година. Од 2013 година Крис Холмс станува член на Горниот дом на Парламентот на Велика Британија (House of Lords) како Лорд Холмс од Ричмонд, фокусирајќи го своето работење на вработување, образование и вештини, медиуми, спорт и дигитални можности за лицата со попреченост. Во периодот од 2013 до 2017 година, тој бил извршен директор на Комисијата за еднаквост и човекови права, водеjќи го Комитетот за попречености. Член е на неколку анкетни комисии за дигитални вештини, социјална мобилност и финансискo исклучување.

М.В