/ Прочитано:

2.973

Јавна дебата за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

Решенијата во новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација беа предмет на денешната јавна дебата во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика.

На почетокот на јавната дебата беше истакнато дека новиот Закон за заштита од дискриминација е во насока на поефективна заштита на правата на граѓаните во Република Македонија, борбата против дискриминацијата, како и подигнување на нивото на квалитет на животот на македонските граѓани.

Постојниот закон, како што посочија претставниците од Министерството за труд и социјална политика на денешната дебата, не беше доуреден, особено во насока на превенцијата од дискриминација, од аспект на современите нормативни трендови и меѓународни стандарди во однос на почитувањето на човековите права.

„Почитувањето на основните слободи е суштинска важност за меѓународниот кредибилитет на Република Македонија. Но, треба да се нагласи дека целосната имплементација не значи директна промена на нечии ставови. Важни се свеста и давањето личен пример како еден од најефикасните начини за справување со дискриминацијата и говорот на омраза. Покрај законски измени, потребна е и толеранцијата“, истакнаа претставниците од Министерството за труд и социјална политика.

Џефри Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, коа работи долго време на прашањето на еднаквоста во Република Македонија, рече дека борбата против дискриминацијата е многу важно општествено прашање.

„Тргнувајќи од тој факт, Мисијата на ОБСЕ во Скопје континуирано ги поддржува јавната дебата и транспарентната постапка во подготовката на законските решенија кои се во насока на поефикасна борба против дискриминацијата“, рече Годстајн, додавајќи дека за борбата против дискриминацијата е важно да постојат функционални законски решенија.

Во врска со новините во законските решенија за спречувањето и заштитата од дискриминација, на денешната јавна дебата беше истакнато дека првичната идеја било да се направат измени на постојниот законски текст, но со оглед на опсегот на законските промени, изработен е нов предлог-закон. Во овој нов закон, образложија од Министерството за труд и социјална политика, најзначајните промени се однесуваат во делот на основите на дискриминација и положбата на Комисијата за заштита од дискриминација.

На денешната јавна дебата дискутираа претставници на релевантните државни институции, Народниот правобранител, претставници на граѓанскиот сектор, судии, адвокати и експерти од областа на човековите права. Тие истакнаа дека идејата за нов закон е позитивна, но дека е потребно доуредување на  новото законско решение, особено во поглед на родовиот идентитет во согласност со практиката на ЕСЧП, но и прашања поврзани со работата на Комисијата за заштита од дискриминација, за која се предвидува професионализација. Дел од претставниците на граѓанските организации истакнаа дека во законското решение е потребно да се додаде и родовиот идентитет како законска основа за заштита.

„Во македонскиот правен систем родовиот идентитет не постои, тие лица се невидливи. Со додавањето на родовиот идентитет во Законот ќе се признае на некој начин постоењето на лицата кои се тангирани од прашањето за родовиот идентитет. Еве сега и пресуди почнаа да се носат за трансродовите лица, мора да се следи и смислата на таа практика“, беше нагласено на настанот.

Законските цели и дел од решенијата во новиот Закон

Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека во законското решение се значајни промените во однос на дефинирањето кое е усогласено со меѓународните стандарди. Дефинициите за соодветното приспособување, еднаквоста, лицето со попреченост, афирмативните мерки, маргинализираната група, легитимна или објективно оправдана цел, дискриминацијата по асоцијација, дискриминацијата по перцепција, повеќекратната дискриминација, повторената дискриминација, продолжената дискриминација, ситуациското тестирање, се дел од дефинициите кои се определени во поимникот на Законот.

Во новиот Закон за заштита од дискриминација се определува дека цел на овој закон е обезбeдување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од  дискриминација во остварување на правата и слободите загарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори.

Во законското решение се пропишува дека дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова по основ на  раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, пол, род, сексуална ориентација, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа, кои имаат за цел да го спречат или ограничат  признавањето, уживањето или остварувањето на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со другите.

Дискриминација е и неовозможување на соодветно приспособување, како и неовозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите. Понатаму, во делот на основите за дискриминација, односно во членот 5 од новото законско решение  се пропишува:

„Се забранува секоја дискриминација врз основа на: раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, пол, род, сексуална ориентација, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус,  здравствена состојба, лично својство и општествен статус, или која било друга основа (во натамошниот текст: дискриминаторска основа)“.

Една од најзначајните измени, беше потенцирано на јавната дебата, е професионализацијата на Комисијата за заштита од дискриминација. Како што се определува во законското решение, членовите на Комисијата имаат статус на именувани лица кои функцијата ја извршуваат професионално и таа е неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место.

На членот на Комисијата му престанува јавната функција или функцијата во политичка партија со денот на неговото именување. Доколку членот на Комисијата пред именувањето бил во работен однос, работниот однос му мирува.

Лицата, се пропишува во законското решение, кои сметаат дека претрпеле дискриминација можат да поднесат претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање на такса и друг надоместок. Лицето кое смета дека е дискриминирано пред Комисијата може да биде застапувано од страна на здружение, фондација или синдикат со претходно дадена согласност.

За вршење на стручните, административните и техничките работи на Комисијата се формира стручна служба. Вработените во стручната служба на Комисијата имаат статус на административни службеници и за нив се применуваат одредбите во согласност со Законот за административни службеници.

Лицето што смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку регулирано. Оваа постапка, се пропишува во Законот, е итна.

Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес

Како новина во Законот се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Во таа насока во измените на Законот за  спречување и заштита од дискриминација, се пропишува:

„Здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица“.

 Во Законот се предвидуваат и глоби за извршување на дискриминација и тоа од 500 до 5.000 евра во денарска противвредност за правни лица и од 100 до 500 за физичко лице.

„Одмерувањето на висината на глобата за правното лице, државен орган или орган на единицата за локална самоуправа се врши во согласност со Законот за прекршоците“, се предвидува во законското решение.

М.В