/ Прочитано:

2.167

Јавна дебата за предложените законски измени за нотаријатот и извршувањето

Во просториите на Владата на Република Македонија, под раководство на Министерот за правда, Билен Салији, беше организирана јавна дебата по Предлог-законот за извршување и Предлог-законот за нотаријатот, информираат од Министерството за правда.

„Ваков вид дебата  беше организирана за првпат со цел да се дефинираат некои отворени прашања во врска со овие закони, но исто така и заради транспарентност и за да се добијат мислења од сите страни кои се засегнати  од одредбите на овие два закона. Исто така, целта на оваа јавна дебата беше во интерес на изнаоѓање на најквалитетни законски решенија  кои ќе обезбедат најприфатливи услуги, пред сè, за граѓаните, па и за сите други субјекти во земјата.

Министерот за правда отворајќи го состанокот ја истакна посветеноста на Владата на Република Македонија и на Министерството за правда за квалитетни услуги во спроведувањето на нотарските постапки, како и за зајакнувањето  на правната сигурност во земјата. Министерот Салији ги повика сите страни засегнати во однос на овие  закони да бидат поразумни и прво да размислуваат за интересите на граѓаните, а не за своите тесни интереси, а одредбите да бидат во согласност со Европските стандарди“, велат од Министерството за правда.

„На оваа дебата учествуваа претставници од други министерства: министерот за труд и социјална политика, претставници од  Министерството за економија, од Министерството за финансии, од Министерството за внатрешни работи и други економски сектори. Исто така, на овој состанок свои придонеси и мислења имаа можност да дадат и претставниците на Комората на извршители на РМ, претставници на Нотарската комора на РМ и други претставници од деловниот сектор, како и од другите јавни претпријатија во земјата. Во текот на оваа дебата, учесниците ги дадоа своите мислења и предлози за предлог-текстовите од Министерството за правда во врска со Законот за извршување и Законот за нотаријатот, додека од Министерството ветија дека ќе ги земаат предвид сите предлози и во најкус можен рок ќе се состанат работните групи за соодветните закони за да носат квалитетни предлози во корист на граѓаните“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Од Адвокатската комора на Република Македонија за Академик велат дека и тие учествувале на дебатата со свој претставник. Претставник на АКРМ на јавната дебата била адвокатката Жана Кузмановска, која детално и критички се осврнала на одредбите од предложените законски решенија.

Кузмановска во своето излагање особено истакнала дека задолжителноста на учеството на адвокат како застапник на странката во постапките и адвокатскиот печат ѝ даваат целосна правна сигурност на странката бидејќи нејзиното право е заштитено и од аспект на стручност при составот и постапувањето, потоа дека давањето правна помош не е надлежност на нотарите и претставува упад од нивна страна во надлежноста на адвокатите, дотолку повеќе што нотарите за составот на нотарскиот акт наплаќаат награда, како и дека адвокатурата во Република Македонија е целосно отворена за младите кадри и дека  е потребно да се воведе либерализација на бројот на нотарите.

M.В