/ Прочитано:

1.461

Јавна дискусија за измените на законите за административните службеници и за вработените во јавниот сектор

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваше на јавната дискусија за потребата од измени на Законот за административни службеници и на Законот за вработени во јавниот сектор.

„Сите граѓани во една држава имаат право на ефикасни и брзи услуги. За тоа ни е потребна стручна и одговорна јавна администрација. Ваква администрација може да постои доколку, од една страна, имаме јасни, прецизни и добро дефинирани правни основи за нејзиното функционирање, а, од друга страна, стручни и одговорни јавни службеници, со високи етички вредности. Факт е дека реорганизација на јавната администрација мора да има, и на тоа работиме во моментот. Со новата СРЈА креираме политики кои се во правец на подобрување на условите во кои работи јавната администрација. Политики со кои јасно се дефинираат правата и обврските, и со кои се модернизира администрацијата. Тоа може да се постигне единствено и само со вклучување на сите засегнати страни во процесот и во тесна соработка со синдикатите“, истакна министерот Манчевски.

Со денешната дискусија продолжува праксата на соработка на МИОА и Синдикатот на УПОЗ. Досегашните измени во Законот за административни службеници беа направени како резултат на таа соработка.

„Во однос на постапката за унапредување, со измените во Законот се промени решението со кое административен службеник можеше на интерен оглас да се унапреди само за едно ниво повисоко. Со оглед на силната политизација на администрацијата, како и состојбата на заробена држава, не беше можен кариерниот развој. Голем број на луѓе беа долго време држени на најниски нивоа во администрацијата, иако поседуваа искуство и компетенции за унапредување. Во Законот беше регулирано дека оценувањето резултира со мерки за одличен и слаб ефект. Ако целта беше подобрување на работењето на администрацијата и на услугите, тогаш сигурно овие мерки не придонесуваа за остварување на тоа. Дополнително, мерките за слаб учинок се користеа за пресметка на раководните лица со своите политички неистомисленици во рамки на администрацијата. Исто така, целта за која беа направени овие измени беше подобрени и поедноставени постапки за селекција, унапредување и оценување на административните службеници. Со тоа ќе се зголеми бројот на компетентни кандидати за вработување, но ќе се придонесе и за задржување на квалитетни и мотивирани вработени во јавната администрација“, рече министерот Манчевски, осврнувајќи се на измените на ЗАС.

Како што информираше министерот Манчевски, овие измени беа само една коцка од мозаикот. Со примената во пракса се покажа дека не се доволни.

„Секојдневно се среќавам со граѓани и со претставници на разни институции, како што се НБРМ, независните регулаторни тела, државните универзитети, МАНУ, здравствениот сектор, МРТВ, синдикатите, кои имаат бројни забелешки на ЗАС и на ЗВЈС. Мислам дека нема сектор кој нема забелешки на законите и кој не бара нивна промена. Заеднички став е дека главна причина зошто моменталното законско решение создава проблеми во начинот на функционирање е затоа што беше правен без широки консултации и без вклучување на сите засегнати страни. Дополнителен впечаток е дека и оние коментари кои биле доставувани, не биле земени предвид“, истакна министерот Манчевски, кој се обврза дека ниту една промена во ЗАС нема да биде направена без решението да произлезе од заедничка дискусија.

„Денешниот настан е само почеток на тоа што ќе следува наредниот период, а тоа е ние кои ги креираме политиките да оставиме простор за стручната јавност да даде коментари и забелешки. Крајната цел е сите граѓани конечно да добијат администрација која одговара на нивните потреби, која е тука за нив. Ефикасна, услужна и евтина јавна администрација“, заклучи министерот Манчевски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, претстави дел од забелешките на Синдикатот за ЗАС и ЗВЈС.

„Еден од најбитните недостатоци на овие закони за нас е неможноста одредени области и прашања од овие закони да се регулираат со колективен договор. Со постојните законски одредби, во целост е испуштена или ограничена обврската за потпишување на колективни договори и, спротивно на европското право и пракса, односно спротивно на европските конвенции и препораки за труд, во овие закони правата од работен однос е предвидено да се уредат со правилници и други подзаконски акти.

Во согласност со постојните законски одредби, Синдикатот е исклучен од учество во изготвување на сите подзаконски акти кои ги уредуваат правата на вработените. Иако начинот на пресметување на платите на вработените е даден во ЗАС, сè уште има голем број институции каде што платите се пресметуваат со правилници кои се чуваат како да имаат дознака строго доверливо, па дури ни Трудовата инспекција не може да ги прибави.

Ограничувањето на правото на штрајк се движи од намалување на платите за време на штрајкот, водење на евиденција кој штрајкува, доведување на заменски работници, а во некои посебни закони, иако ова право на штрајк е предвидено, истото реално не може ни да се оствари. Начинот на оценување, иако предвиден како инструмент со кој на вработените би им се укажало на пропустите во нивното работење, а санкциите би биле последната мерка, со моделот предвиден во ЗАС и другите системски закони им се дава можност на непосредно претпоставените службеници оценката да ја дадат од субјективни причини, а истовремено и да влијаат врз другите оценувачи и тие да дадат негативна оценка. Издавањето на овластувања со кои се предвидува вработените да извршуваат работни задачи вон актите за систематизација, а во согласност со нивните компетенции и квалификации, а без притоа за извршената работа да не добиваат никаков паричен надомест. Како последна, но можеби и најбитна забелешка сакам да ја истакнам политиката на платите во јавната администрација. За нас како синдикат е неприфатливо над 50% од административните службеници да земаат плата под републичкиот просек“, се дел од забелешките на УПОЗ.

М.В