/ Прочитано:

866

ЈАВНА РАСПРАВА: Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства

Комисијата за еднакви можности на жените одржа јавна расправа на тема: Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства.

Јавната расправа се одржа во соработка со Клубот на пратенички, а на иницијатива на Граѓанската организација за еднородителски семејства „Една може“ Скопје.

Седницата ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, Даниела Рангелова, по што свое обраќање имаа, координаторката нa Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија, Ѓулумсер Касапи, претседателката на ГО „Една може“, Дороти Пачкова, и претставничката на Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија, Софија Спасовска.

Во дискусијата се вклучија пратеничките: Јулиана Николова, Мирсада Емини-Асани, Жаклина Пешевска, Весна Дамчевска Илиевска, Јагода Шахпаска и Маја Морачанин, правниот експерт Мерсиха Смаиловиќ, претставниците на невладините организации Ѓунер Небиу од Женска граѓанска иницијатива „АНТИКО“,  Наум Рибароски од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод и Ѓултен Мустафова од Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци, кои ги објави Собранието на РМ:

„Допрецизирање на постојните права и нивно реформулирање со законски и подзаконски акти, како и посебни специфични мерки за различни контексти на еднородителски семејства;

Отворање можности за независно домување;

Создавање механизми за квалитетно вработување;

Анализа и преосмислување на системот на социјални парични бенефиции и отворање на реални можности за соодветни надоместоци;

Мерките опфатени од документите од областа на социјалната заштита, донесени од Владата на РМ, во кои има осврт на еднородителските семејства и самохрани родители да се обединат во менаџирањето на социјален ресурсен центар за еднородителски семејства (Национална програма за развој на социјална заштита, Национална стратегија за намалување на сиромаштијата,

Да се унапредат капацитетите на релевантните институции задолжени во ефикасно спроведување на третманот, мерките и правата на самохраните родители, кои што се недоволно сензибилни на даденава тема;

Подобрување и унапредување на Законот за семејство заради нотирање на слабости, и усогласување на дефинираните термини и во законите за социјална и детска заштита; Приспособување на терминологијата што алудира на самохраното родителство како на социјален ризик, само по себе;

Неопходност од легитирање на професијата родови експерти, стручни на специфични родово сензитивни тематики како еднородителските семејства;

Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените да ја инкорпорира во една од приоритетните точки за застапување проблематиката на еднородителските семејства и самохраните родители;

Да се зголеми надзорната улога на Собранието на Република Македонија во однос на прашањето за состојбата на еднородителските семејства и самохраните родители;

Да се обезбеди механизам за целосно спроведување на социјална инклузија за сите членови/ки на еднородителските семејства;

Да се обезбеди од страна на Државниот завод за статистика прибирање, мониторинг, евалуација и обработка на прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално и на локално ниво;

Извештајот од оваа седница да биде доставен до сите ресорни министерства и локални самоуправи;

Заклучоците да бидат разгледани и да се постапува по истите.“

М.В