/ Прочитано:

1.394

Јавна расправа за дискриминацијата на Ромите на граничните премини во собраниската Комисија за заштита на слободите и правата

На 28 овој месец, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот ќе одржи јавна расправа на тема: „Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница“.

Во јули оваа година, Хелсиншкиот комитет за човековите права, Македонското здружение на млади правници и КХАМ Делчево поднесоа иницијатива за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човековите права за прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминација на граничните премини спрема граѓаните од ромската етничка заедница.

„Во периодот од 2011 година до денес, дискриминаторската практика од МВР е утврдена во поголем број меѓународни извештаи на Обединетите нации и Советот на Европа, каде што се даваат препораки ваквата практика да престане. Во периодот од 2012 година до денес, поднесени се 50 тужби за утврдување на правото на еднаков третман на граничните премини, од кои 13 правосилни одлуки се позитивни, 9 се негативни, додека другите судски постапки се сè уште во тек. Поради донесените негативни одлуки, поднесени се 7 апликации до Европскиот суд за човековите права за повреда на правото на еднаков третман на македонските државјани Роми од страна на Република Македонија. Оттука, сметаме дека е неопходно Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот да организира јавна расправа на која ќе бидат поканети релевантни организации, експерти и институции, кои подолго време работат на овој проблем или се засегнати од него, а сè со цел да бидат дадени конкретни предлози и да бидат преземени конкретни иницијативи за подобрување на законската рамка во насока на заштита на веќе утврдените права и слободи на граѓаните, како и надминување на системската практика на расно профилирање на граѓаните Роми на граничните премини од страна на полициските службеници на МВР“, посочија невладините организации во иницијативата до Собранието на РМ.

Невладините организации, во врска со работата и надлежностите на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, посочија дека во текот на 2016 година, Комисијата била целосно нефункционална и не одржала ниту една седница. Нефункционирањето на ова работно тело, нагласија од Македонското здружение на младите правници, придонесува и за постојано влошување на состојбата со заштитата на човековите права во Р. Македонија. Пасивноста на ова тело придонесе за создавање општоприфатено мислење дека прекршителите на човековите права во Р Македонија се неказниви што, пак, влијаеше негативно врз довербата на граѓаните во Собранието на Р Македонија.

Инаку, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции. Во Уставот на Република Македонија се пропишува дека Собранието основа Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Комисијата ги разгледува прашањата што се однесуваат на начелни прашања, предлози и мислења во врска со остварувањето на одредбите на Уставот, закони и други прописи и акти од значење за остварување и заштитата на слободите и правата на граѓанинот; укажување на потребата од донесување на закони и други прописи и акти заради поцелосна заштита на слободите и правата на граѓанинот; следење, разгледување и анализирање на остварувањето на ратифицираните меѓународни акти кои ја регулираат заштитата на слободите и правата на граѓанинот;  разгледување на дописите на граѓаните и заземање ставови по нив.

Комисијата, исто така, може да соработува со научни и стручни организации од областа на заштитата на слободите и правата на граѓанинот и да соработува со соодветни странски и меѓународни тела од областа на заштитата на слободите и правата на граѓанинот. Комисијата може да разгледува и други прашања што се однесуваат на заштитата на слободите и правата на граѓанинот.

Постојаната анкетна комисија за човековите права и законодавниот дом мораат да ги заштитуваат човековите права

Иницијатива од граѓанскиот сектор за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човековите права

М.В