/ Прочитано:

1.630

Јавна расправа за новиот Закон за спречување на корупцијата – козметичко или суштинско решение

Собранието на РМ објави заклучоци од јавната расправа за Предлог-законот за спречување на корупција и судир на интереси, која се одржа пред Комисијата за политички систем и односи со заедниците. Новиот закон е спој на досегашните закони за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси.

Како што посочи заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата би броел 7 члена, кои ќе бидат професионалци и ќе бидат избирани по транспарентна постапка, со административна селекција и со спроведување на интервју, јавно на Собранискиот канал. Кандидатите за членови на Комисијата во последните 10 години не смеат да бидат пратеници, членови на Владата, донатори на политичка партија или да вршеле функција во органи на политичка партија. Средствата за работа на Комисијата ќе ги утврдува Собранието.

Слаѓана Тасева од граѓанскиот сектор посочи дека новиот закон е исчекор во борбата со корупцијата и побара поддршка од пратениците за да може Комисијата да прерасне во независен орган на контрола и превенција на корупцијата. Таа рече дека да се биде на функција значи обврска за поголема транспарентност, одговорност и отчетност во работењето.

Розета Трајан од ДКСК го поздрави носењето на законот, но, меѓу другото, побара да се зајакнат статусот и примањата на вработените за да не се повтори практиката од минатото, кога врз нив се вршел притисок.

Новинарот Христо Ивановски посочи дека и новинарите се дел од корупцијата бидејќи можат да се закануваат и да бараат надоместок, и побара попрецизни одредби за справување со овој проблем.

Претседателот на Правниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Микиновски, рече дека намерата на законот е добра, но темата содржински има пропусти бидејќи се прави само козметика на законското решение. Најави амандманско дејствување од партијата за да се добијат реални решенија.

Претставникот на Институтот за демократија предложи наместо 5, 7-годишен мандат на членовите на Комисијата, без право на реизбор, како и намалување на составот од 7 на 5 члена.

Трпе Дејановски од УПОЗ нотираше дека 9 години немало унапредувања на административните службеници во Комисијата.

Дијана Деспотовска од Стопанската комора побара заштита на дојавувачите, додека Марија Саздески од Меѓународниот републикански институт – ИРИ даде поддршка за намалување на бројот на членовите на Комисијата, односно бројот да се движи од 3 до 5 члена.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации побара во изјавите за имотната состојба да се нотираат и дополнителните приходи од кирии, од авторски права и од членство во управни одбори.

За пратеникот Павле Богоевски законското решение не е козметички чекор, туку прв чекор во справувањето со корупцијата.

Пратениците Богоевски и Артан Груби го поддржаа зајакнувањето на составот на вработените и Секретаријатот и зголемувањето на финансиските надоместоци, а пратеникот Панчо Минов предложи на крајот од мандатот на избраните и именуваните лица да се испита потеклото на имотот.

На крајот од расправата, претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Александар Кирацовски, рече дека клучот за сузбивање на корупцијата е во Собранието. Наскоро треба да се избере нов состав на ДКСК и во изборот не смее да се погреши бидејќи членовите треба да бидат чесни, со кредибилитет и интегритет.

Во Собранието започна постапката за донесување нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси

Новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси во собраниска процедура

Антикорупциската комисија да биде формирана според меѓународните стандарди за независност и неселективност

ОЦЕНКА НА ГРЕКО ЗА МАКЕДОНИЈА: Разочарувачки резултати за превенцијата на корупцијата

Втората верзија на измените на Законот за спречување на корупција на увид на јавноста

Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата

Министерката за правда ги образложи измените на Законот за спречување на корупцијата за кои ќе има јавна дебата

Новата антикорупциска комисија ќе биде составена од експерти

Во подготовка измени на законска регулатива за спречување на корупција и на повеќе прописи од правосудството

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара професионализам, департизација и интегритет од членовите на ДКСК

M.В