/ Прочитано:

2.424

ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО И МВР ЗА ГРАБЕЖОТ ВО БАНКАРСКИОТ ТРЕЗОР НА НЛБ БАНКА: Кривичното дело е извршено во повеќе наврати

Основното јавно обвинителство – Скопје работи на расветлување на грабежот во банкарски трезор на НЛБ Банка, велат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Истражна постапка против едно лице кое е осомничено дека сторило кривично дело затајување

Како што велат од Јавното обвинителство, Основното јавно обвинителство – Скопје издало наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело затајување по член 239, став 5, а во врска со ставовите 3 и 1 и по член 45 од Кривичниот законик. Лицето, посочуваат од Јавното обвинителство, е осомничено дека затаилo два милиони швајцарски франци и 270.000 евра од главниот трезор на  деловната банка.

Во членот 239, став 5 од Кривичниот законик на кој се повикува Јавното обвинителство се пропишува дека ако вредноста на затаените предмети е значителна или предметите се добро под привремена заштита или културно наследство, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

Членот 45 на Кривичниот законик се однесува на продолжено кривично дело. Во став 1 на овој член на кој се повикува Јавното обвинителство се пропишува дека на сторителот кој со умисла ќе изврши две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности, судот ќе му изрече единствена казна во границите на казната пропишана за тоа дело.

Ако со овие дејствија, се пропишува во ставот 3 на истиот член,  сторителот како вкупна последица ја оствари последицата на некое потешко кривично дело, ќе се казни со казната пропишана за тоа дело.

Снимки од видеонадзорот и листинзи од телефонската комуникација

Од Јавното обвинителство посочуваат и дека со цел расветлување на случајот, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје издал и наредби за обезбедување на снимките од видеонадзорот и комплетната документација од банката, како и за обезбедување на листинзите од телефонската комуникација на осомниченото лице.

Мерка притвор во траење од 30 дена

„По предлог од надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Истрагата за целосно расветлување на овој случај продолжува“, информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

МВР соопшти детали за  случајот

Во врска со овој случај, од МВР велат дека  СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје, го предало Б.С. (40) од Скопје, поради основи на сомнение дека како трезорист во НЛБ Тутунска банка, сукцесивно во повеќе наврати извршил кривично дело затајување, предвидено и казниво по член 353 од КЗ, со што противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, износ со кој ја оштетил НЛБ Тутунска банка.

„Од страна на судија на претходна постапка, на Б.С. му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Имено, сега пријавениот како вработен на работно место трезорист во Службата за трезорско работење (работа со готовина и депо во НЛБ Тутунска банка АД Скопје), искористувајќи згодна прилика и познавајќи го процесот на работа, во време кога во трезорот имало намалена фреквенција на вработени лица, незабележан од никого во периодот 06.04 до 10.04.2017 година ги присвоил за себе горенаведените парични средства“, велат од МВР.

Според МВР, осомничениот првиот износ го затаил од пратка на износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил, како што велат од Министерството, едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе.

„Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени во согласност со работните задолженија во НЛБ Тутунска банка“, посочуваат од МВР.

„На 10.04.2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец“, велат од МВР.

Како што велат од Министерството, од страна на одговорни лица од НЛБ Тутунска банка, кривично правниот настан е пријавен во Единицата за известување и команда, а од страна на полициски службеници од ЕПОИ АЛФА, Б.С. е пронајден и лишен од слобода.

„Врз основа на издадени наредби за претрес на дом и други простории од страна на Основен суд Скопје – 1 Скопје и извршени претреси на локации во Скопје, како и извршени разговори со одговорни лица во НЛБ Тутунска банка АД Скопје и други вработени лица во банката, обезбедени се писмени докази кои укажуваат на свесноста и намерата на пријавениот да го изврши кривичното дело“, истакнуваат од МВР.

Исто така, додаваат од МВР, од извршениот увид во видеозаписот од безбедносните камери на банката лоцирани и поставени во банката, констатирано е дека пријавениот го искористил процесот на работа и со непочитување на воспоставените процедури за сигурност при работата во трезор, на 10.04.2017 година, во претпладневните часови од девизниот трезор присвоил 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра, кои парични средства во кеса ги изнел од службените простории и се оддалечил во непознат правец. Од страна на СВР Скопје, велат од Министерството, и во натамошниот период ќе се преземаат мерки за целосно расветлување на кривичноправниот настан.

НЛБ Банка: Средствата на нашите клиенти се  безбедни

Во врска со случајот, со соопштение  до јавноста се обрати и Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

„Во согласност со информациите, кои се проширија во јавноста за истрагата за инцидент настан во НЛБ Банка АД Скопје, она што е најважно е да ве информирам и да ве уверам дека сите наши клиенти и колегите вработени на нашата банка се сигурни. Сите средства на нашите клиенти се апсолутно безбедни и клиентите не треба воопшто да се загрижени. Банката ги има преземено сите мерки за осигурување на своите редовни активности. Во моментот соработуваме целосно и активно со надлежните власти. Соработката е конструктивна и многу професионална и се надеваме на брз и позитивен исход од истрагата. За да не го попречуваме напредокот на истрагата, во овој момент не би можеле да коментираме повеќе за настаните сè до нејзиниот крај. Сепак, сите понатамошни информации треба да дојдат од надлежните истражни органи. Уверено можам да изјавам дека настанот нема влијание врз секојдневното тековно работење на банката и НЛБ Банка АД Скопје ја продолжува својата успешна работа, како креатор на современи и сигурни банкарски услуги за нашите клиенти, истовремено постигнувајќи одлични финансиски резултати, како и досега“ се вели во соопштението на претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

M.В