/ Прочитано:

6.801

Јохан Волфганг фон Гете, адвокат и вљубеник во убавините на римското право

Јохан Волфганг фон Гете е германски поет, драматург, филозоф, адвокат и државник. Гете е научник со огромно влијание врз европската литература и наука и за него како адвокат само борбата за праведност претставува вистинскиот повик на професијата.

Јохан Волфганг Гете е роден на 28 август 1749 во Франкфурт. Неговиот татко, Јохан Каспар Гете, студирал право во Стразбур и бил доктор на правни науки и титуларен советник. Мајката на Гете, Катарина Елизабет Гете, потекнувала од правничко и професорско семејство, важејќи за жена, како што ја опишуваат нејзините современици, со изразена индивидуалност и интелект. Таа имала големо влијание врз интелектуалниот развој на Гете, додека, пак, татко му имал големо влијание врз неговата одлука да студира право. Уште во раната младост Гете се стекнал со одлично образование. Говорел повеќе јазици, како: францускиот, италијанскиот, англискиот и латинскиот јазик.

Израснат со влијанијата на правничката традиција, Гете одлучил да студира право во Лајпциг, особено посветувајќи им се, што било и негов личен афинитет за истражување, на „убавините на римското право“. За Гете римското право било инспирација, посебно бидејќи негувал и љубов кон историјата и „проучувањето на епохите“. Од овој период, за време на неговите студии, потекнуваат и неговите први литературни дела. Исто така, за време на студиите Гете започнува да истражува многу во историската област и националната германска историја, но исто така го истражува и фолклорот, преданијата, народните обичаи и архитектура. Се воодушевувал од архитектонските концепти на црквите, но некои концепти во религиските системи ги отфрлал. Научниот дијапазон на Гете е извонреден и сестран и неговите проучувања и творештво се движат во повеќе области, како: литературата, правото, уметноста, глумата, ботаниката, анатомијата и хемијата.

За време на студирањето на Гете му се влошува здравјето и тој прави прекин на студиите за подоцна да го продолжи образованието во Стразбур. Во овој период покажал необичен интерес за проучувањето на правната наука, дури и самиот велејќи дека колку повеќе го изучува правото, толку повеќе го засакува.

Во писмото до неговата пријателка г-ца Сузан Катарина фон Клетенберг, тој пишува:

„Го засакав правото. Проблемот со правото е ист како проблемот со пивото од Мерсебург. Првото  пиво е страшно, но по една недела пиење, не можеш да живееш без него.“

По завршувањето на студиите, Гете дава свечена заклетва како адвокат на 31 август 1771 година кога бил и примен во адвокатската асоцијација во Франкфурт.

Како правник и филозоф, Гете пишувал бројни текстови за правни и пошироки општествени прашања, особено посветени на даночното право, на образованието и на религијата. Како адвокат најмногу работел предмети од граѓанското право, а посебно предмети од стопанското и даночното право. Тој ја следел својата лична максима дека адвокатот мора да се избори за праведен случај, велејќи:

„Оној што има намера да го брани погрешното има причина да гази тивко, но оној што чувствува дека има праведна причина мора да гази одлучно“

Покрај адвокатурата, Гете бил и советник на војводата на Вајмар, а учествувал и во германско-француските воени судири за време на инвазијата на Франција од империјалните сили, а против Првата француска империја. Голем период од својот живот Гете поминува и во Италија, што е клучно во оформувањето на неговиот филозофско-литературен развој.

Несомнено, светската слава на Гете му ја носи неговото литературно творештво. Некои од неговите позначајни романи се Страданијата на младиот Вертер, Годините на учењето на Вилхем Мајстер, драмите Гец од Берлихинген , Егмонт и Фауст, потоа песните Прометеј I, Римска елегија, како и научните дела: Теорија на боите, Патувањето во Италија итн. Светско признание и слава ја стекнал со драмскиот еп „Фауст“, драма во чие пишување му поминува и последната деценија од животот. Големиот поет, адвокат и научник умира во Вајмар, на 22 март 1832 година.

 M.В / veljanoskim@akademik.mk