/ Прочитано:

1.321

ЈОРМ: Врховниот суд уважи барање за заштита на законитоста во предмет за убиство во Штип од 2013 година

„Имено, според оцената на Врховниот суд, постојат бројни материјални докази пронајдени на самото место, отпечатоци од папиларни линии и други траги, кои како докази би можеле да посведочат за кривичната одговорност на обвинетиот и на кои судовите требало да им посветат посериозно внимание“, се наведува во соопштението од ЈОРМ.​

Табла, Основно јавно обвинителство Скопје

Врховниот суд го уважил барањето за заштита на законитоста, поднесено од  Јавниот обвинител на Република Македонија, кое се однесува на предмет за убиство во Штип.

Станува збор за предмет од 2013 година кој, според обвинението, го товареше лицето К. М. од Штип дека ноќта меѓу 6 и 7 јули 2013 година, со умисла го лишило од живот лицето С. М. од Штип.

Според обвинителниот акт, обвинетиот, во дневниот престој на оштетениот, со употреба на сила и тврд предмет, во два наврати го удрил оштетениот во пределот на главата, нанесувајќи му тешки повреди од кои починал.

„По одржаниот главен претрес, Основниот суд во Штип го ослободил од обвинение обвинетиот поради немање докази. Апелациониот суд во Штип ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство – Штип и пресудата ја потврдил. Апелациониот суд во пресудата констатирал дека е неспорно дека обвинетиот бил во домот на оштетениот во критичниот период, но дека не постои сигурен доказ дека тој го извршил кривичното дело“, се наведува во соопштението на ЈОРМ.

Според Врховниот суд, Основниот суд – Штип и Апелациониот суд – Штип со своите одлуки го повредиле Законот за кривична постапка и Кривичниот законик.