/Прочитано:

220

Јовески: Да постои единствен закон за Јавно обвинителство, во кој би се вклопил и Законот за СЈО

Деветтата седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2022 година) на Владата на Република Македонија започна со реферирање на министерката за правда, Рената Десковска, за позитивното мислење од Венецијанската комисија за Законот за судовите.

Таа ги информираше членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор дека Венецијанската комисија дала зелено светло за Законот, со потврда дека нема посериозни забелешки или сугестии. Исто така, Дескоска рече дека Комисијата има свои видувања за две работи, но дека и за нив дозволува расправа во Парламентот. Имено, станува збор за ситуации во врска со платата на судиите кога се на привремен трансфер во понизок суд, како и за прашањето за неизземање на судија.

„Станува збор за ситни забелешки. Генерално, Секретаријатот на Венецијанската комисија смета дека предложените измени се во согласност со позицијата на Комисијата изразена во претходните мислења. Текстот на Законот за судовите сега е многу појасен, внатрешно кохерентен и многу подобро го одразува европскиот пристап кон одговорноста на судиите“, се вели во дел од писмото што во името на Венецијанската комисија е потпишано од Томас Маркерт, директор на Секретаријатот.

По усвојувањето на записникот од седницата на Советот, одржана на петти декември, Советот за реформи на правосудниот сектор пристапи кон разгледување на законите од областа на јавното обвинителство, а со акцент на Законот за Специјално јавно обвинителство.

Во дискусијата јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, рече дека ги прифаќа сите искажани забелешки за сметка на Законот за Јавно обвинителство, но во исто време тој е на мислење дека би било убаво да постои единствен закон за јавно обвинителство, што пак подразбира дека во тој закон би се вклопил и сега понудениот Закон за Специјално јавно обвинителство.

Некои од членовите во Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството се на мислење дека Специјалното јавно обвинителство треба да остане и да функционира како посебно обвинителство, со тоа што треба да прерасне во уставна категорија. Идејата на предлагачите е СЈО да продолжи да ја извршува својата работа, без притоа да размислува дали ќе дојде до промена на власта и евентуално до негово укинување или формирање на некое сосема ново обвинителство.

Со усвојувањето на конкретни заклучоци, предложени од министерката Рената Десковска, како и со насоки за работа за следната, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2022 година) на Владата на Република Македонија ја заврши работата за оваа календарска година.

Објавен текстот на Предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство – се предвидуваат нови надлежности на СЈО

Министерството за правда подготвува Закон за Специјалното јавно обвинителство

М.В