/ Прочитано:

1.516

Јуни 1968 година на другата страна на барикадите: Срѓа Поповиќ во одбрана на југословенската студентска авангарда

Името на Срѓа Поповиќ, освен што упатува на еден од најпознатите адвокати на Балканот, сугестивно се врзува и за времето на студентските протести што во 1968 година ја зафатија поранешна социјалистичка Југославија. За адвокатската дејност на Поповиќ во поновата историја на регионот се зборувало надолго и нашироко, но за неговото дејствување да ги заштити студентите, коишто кон крајот на шеесеттите години од минатиот век се кренаа на бунт за промени во југословенското општество, нема голем одглас. Студентските протести од тоа време ги изнесоа на виделина напластените проблеми на тогашниот еднопартиски систем, а Поповиќ уживаше голема доверба меѓу студентските активисти и меѓу политичките дисиденти додека се обидуваше да ја извлече нивната правда од мракот на југословенското правосудство.

Кога Срѓа Поповиќ почнал со работа во семејната адвокатска канцеларија во 1961 година, неговиот татко го предупредил да не ја застапува одбраната во судски процеси со политичка заднина. Четири години подоцна, сепак, било поднесено обвинение против извесна група млади, коишто преку иницијатива на Михајло Михајлов се обиделе да основаат демократска опозициска партија. Таткото на Поповиќ, стар и снеможен, го одбил барањето за застапување на обележаните „борци против тоталитарниот режим“, но дозволил неговиот син да игра советодавна улога зад сцената на одбраната, со што Поповиќ за првпат доаѓа во допир со политичките процеси по кои подоцна ќе стане нашироко прочуен. На почетокот, тој не верувал дека ваквите судења ќе станат негова специјалност, но со текот на времето сфатил дека е влезен во битка со еден цел систем.

Антисистемските демонстрации, коишто во 1968 година еднакво избиле и на капиталистичкиот Запад и на социјалистичкиот Исток, не можеле да ја одминат југословенската федерација. Здруженото дејствување на младинците волни за внатрешнополитички промени, како и во повеќето земји, било насочено кон сеопфатни реформи за надминување на социјалните разлики меѓу граѓаните: укинување на партиските привилегии, демократизирање на тогашната Комунистичка партија на Југославија; слободни синдикати; слободен печат; право на слобода на мирно собирање итн. Студентскиот проглас упатен од зградата на Филозофскиот факултет во Белград, од ден на ден имал сè поголем досег низ земјата, но полицијата не престанала да притвора лица под сомнение за поттикнување бунт и за наводно ширење пропаганда.

Како што вели Поповиќ во разговор со германски истражувачи, тужбите против активистите на студентското движење во Југославија се темелеле на две правни основи: начелото во членот 133 од Кривичниот законик во врска со „непријателска пропаганда“, како и една одредба од Законот за печатот што се однесувала на „вознемирување на граѓанството“ и на „ширење лажни вести“. Врз основа на првото начело беа поведувани обвиненијата против младите активисти, а врз основа на втората одредба се правеле обиди за укинување на критичките весници и на списанијата со „инакви светогледи“. И во двата случаја, илустративно раскажува Поповиќ, се работело за „членови од гума“, коишто дозволувале да се толкуваат и да се оформуваат како што во моментот му одговарало на обвинителот и според потребите на секој поединечен судски процес.

Потрагата по правдата изискувала добро обмислена адвокатска стратегија. Пред почетокот на секое судење, Поповиќ најпрвин се обидувал да ги ослободи обвинителните акти од каква било идеологија, со цел да го наметне прашањето за суштината на поведената тужба. Според него, ова бил мошне ефективен чекор. Имено, според неговото кажување, режимот настојувал да личи на правна држава, а тоа било многу важно за неговата претстава во странство, особено пред очите на Западот. Поповиќ секогаш намерувал да ја искористи оваа ситуација. Секој процес имал своја публика; на секој претрес биле присутни по стотина посетители. Студентите имале свои печатени гласила; оваа јавност правела вистински приказни од судските претреси. Преку ваквите канали се отворале вистински можности за пренесување на подробностите што воделе до правдата.

Системот на репресијата, иако полиберален од репресивните механизми во останатите социјалистички земји, оставил сериозни последици врз многу слоеви на југословенското општество. Стратегијата на Поповиќ за борба против идеологијата во судството се огледувала, пред сè, во намерата да ги расветли противречностите помеѓу поднесените обвиненија и официјалната државна пропаганда. Така, тој на повеќе наврати укажувал дека студентите што решиле да излезат на улица го барале само она што државата им го ветила. Ова најмногу се однесувало на принципот на слободното мислење и на правото на слобода на изразување. Како што Поповиќ самиот вели: „Не ме интересира што мислиш. Имаш право да мислиш што сакаш. Имаш право да кажеш што мислиш. Судот и државата немаат право да ти го забранат тоа“.

Максимата дека ниту еден знак на успех при некое судење не треба да биде основен мотив за работа, Срѓа Поповиќ ја има пренесено врз целиот свој живот. Со негови зборови: „Пресудите не зависат од мене. Нека биде што биде. Одлуките не се во мои раце. Најважно е што сум се заложил за нешто до самиот крај. Едноставно, мораш да го сториш она што мислиш дека треба да го сториш. Тешко е да кажеш што било успех, а што било пораз. Јас ја прилагодував својата работа на ситуацијата на клиентите. На некои им беше важно да не завршат в затвор, на други, пак, им беше битно да останат во склад со убедувањата на политичката група на која им припаѓаа. Без оглед на она што тие го претпочитаа, на сите им велев дека ќе мора да бидат подготвени да одат докрај, зашто дури и да се извалкаат само до половина, пак можат лошо да завршат“.

Приреди: Далибор Стајиќ Објавено на: 13.4.2014