/Прочитано:

366

КАКО СЕ ТРОШАТ ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ: Промовирана веб-платформата „Будно око“

Во ЕУ Инфоцентарот во Скопје денеска беше промовирана платформата за  следење на трошењето на јавните средства во средното образование – www.budnooko.mk од страна на Институтот за стратешки истражувања и  едукација – ИСИЕ. Платформата им овозможува на родителите, на средношколците, на медиумите и на други заинтересирани страни да го следат трошењето на јавните средства по разни основи од страна на средните училишта.

Покрај тоа, на настанот беше промовирана и студијата на Институтот „Помалку ученици, поголеми трошоци: Како до потранспарентно трошење на јавните средства во средното образование?“. Автори на анализата се д-р Мишо Докмановиќ, д-р Катерина Шапкова-Коцевска и д-р Дарко Спасевски.

Според податоците од студијата на ИСИЕ, бројот на ученици запишани во јавните средни училишта е намален од 85.038 ученици во учебната 2013/14 година на 70.139 ученици во учебната 2016/17, односно бројот на ученици е намален за 17,52 % во наведениот период. За разлика од тоа, трошењето на јавните средства во средното образование бележи евидентно зголемување.

„Она што прво паѓа в очи е дека во 2013 година во сите години – прва, втора, трета и четврта, во средното образование имало 85 илјади ученици, а во 2017 година – 70 илјади. Тоа значи дека бројот на ученици е намален за 15 илјади за само четири години“, рече проф. д-р Дарко Спасевски, според кого трендот на намалување на бројот на ученици се должи во најголем дел на демографски причини.

„Не навлегувавме многу во причините, но она што можевме да го констатираме е дека, со оглед на тоа што средното образование од 2013–2014 година е задолжително, најголема причина за намалувањето на бројот на ученици се демографските движења“, истакна Спасевски.

Во истражувањето, како што нагласи проф. д-р Катерина Шапкова-Коцевска, трошоците за јавните набавки се зголемени од 139.242.875 денари во 2014 година на 220.837.755 денари во 2016 година, односно за 58 проценти.

Помеѓу планските региони во земјата постои евидентна разлика во износот  на средствата потрошени по ученик за јавни набавки, комунални услуги, греење, комуникација и транспорт. За разлика од тоа, нема поголеми разлики помеѓу регионите во делот на расходи за плати и надоместоци (деталните податоци од истражувањето може да се погледнат на Платформата за мониторинг на користењето на јавните средства во средното образование во Македонија „Будно око“).

Проф. д-р Мишо Докмановиќ истакна дека прашањето за средното образование и понатаму ќе биде во доменот на истражување на Институтот за стратешки истражување и едукација. Тој истакна дека проектот „Будно око“ е насочен кон подобрување на следењето и пристапот до информации за трошењето на јавните пари во средното образование на Македонија. Веб-платформата овозможува брз, едноставен и графички визуализиран приказ за трошењето на јавните средства (вклучувајќи приходи, расходи, износ на јавни набавки итн.) и други релевантни информации кои се лесно достапни и разбирливи за учениците, за родителите, за медиумите и за заинтересираните граѓани.

Истражувањето е подготвено во рамките на проектот „Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во  Југоисточна Европа“ (Accountability, Technology and Institutional Openness Network in South East Europe – ACTION SEE), финансиран од Европската Унија.

Лилјана Пецова-Илиеска од Фондацијата „Метаморфозис“, која е и координаторка на проектот, на денешниот настан нагласи дека истражувањето ги исполнило своите цели, особено во однос на институционалната транспарентност и добивањето показатели за клучните проблеми во средното образование.

Бројот на средношколци драматично опаѓа, се нотира во истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација

М.В