/ Прочитано:

4.153

КАКО СЕ ТРОШИ СРЕДНОШКОЛСКИОТ ДЕНАР: Студија за јавните набавки во средните училишта

Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје денеска ја промовираше студијата „Како се троши средношколскиот денар? Студија за јавните набавки во средните училишта во периодот 2013 – 2016 година“.

Целта на студијата е да се поттикне интересот на јавноста и на заинтересираните страни за трошењето на средствата за јавни набавки во средното образование преку зголемување на транспарентноста и достапноста на релевантните податоци и индикатори.

На почетокот, посочуваат авторите на студијата д-р Мишо Докмановиќ, д-р Катерина Шапкова-Коцевска и д-р Дарко Спасевски, треба да се потенцира дека единиците на локалните самоуправи се соочуваат со големи предизвици при обезбедувањето средства за финансирање на своите дејности, во конкретниот случај тоа важи и за финансирање на средното образование.

Ургентноста на ова истражување се огледува во тоа што едно од клучните прашања што се поставува во конкретниот момент е дали е обезбедена транспарентност и отчетност при трошењето на јавните пари во делот на средното образование.

„Сведоци бевме во изминатиот период на многу отворени прашања, особено во делот на начинот на финансирање на превозот на учениците и слично. Оттука, сметаме дека се работи за актуелно и ургентно прашање, за кое токму оваа кампања ќе придонесе да стане видливо и да се актуализира“, посочија авторите на студијата на денешниот настан.

Од анализата направена во рамките на ова истражување за јавни набавки до 5.000 евра, во 739 постапки се јавил само еден економски оператор, во 670 постапки се јавиле само 2 економски оператори кои се натпреварувале помеѓу себе, а во 396 постапки се јавиле само три економски оператори кои си конкурирале меѓу себе.

Врз основа на истражувањето беше констатирано дека е потребно: а) подобрување на фазата на планирање на јавните набавки со цел детално и прецизно да се измерат сите алтернативни решенија, б) навремено објавување на годишните планови за јавни набавки а сè со цел што повеќе економски оператори да се јавуваат на повиците за јавни набавки; в) техничката спецификација потребно е да биде изработена на начин на кој ќе оневозможи дискриминација на потенцијалните понудувачи; г)  користење на софтверски решенија соодветни на потребите на средните училишта; д) зголемување на интересот на родителите за условите во кои учат нивните деца во средното образование; ѓ) учество на поголем број заинтересирани страни во процесот на изработка на годишниот план за јавни набавки преку вклучување на родителите во консултативен процес за дефинирање на јавните набавки со цел нивниот опфат да биде што поголем итн.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Медиа платформа за застапување“, имплементиран од Граѓанската асоцијација МОСТ, а финансиски поддржан од Европската Унија.

М.В