/ Прочитано:

2.002

Канада – легализација на канабисот чија цел е и спречување на криминалот

Консумирањето на канабисот за рекреативни цели ќе стане легално во Канада од 17 октомври. Ова го изјави канадскиот премиер Џастин Трудо откако предложеното законско решение од канадската Влада беше прифатено од канадскиот Сенат.

Според канадскиот премиер Трудо, легализацијата подразбира спречување на илеалната индустрија на канабисот и спречување на криминалците да остваруваат профит. Канадската влада образложува дека илегалната индустрија со марихуана е вредна милијарди долари и е под контрола на криминалните групи во земјата.

Канада е прва меѓу членките на Г-7 која легализира марихуана за рекреативна употреба. Поседувањето канабис за медицински цели беше одобрено во 2001 година.

Дебатата за легализација на канабисот како спречување на илегалната индустрија е глобална тема од кривично-правен аспект, а темата е актуелизирана и на домашен план. За легализацијата на канабисот  минатата година во Македонија се одржа научна расправа на темата „Легализација на канабис, да или не?“ која беше организирана од Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари.

На дебатата говореа адвокати, судии, професори и обвинители. На настанот кој се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше заклучено дека за прашањето за легализација на канабисот мора да се следат современите трендови и во таа насока да се отвори сериозна јавна дебата за усогласување на законодавството со либералните концепти за легализација на канабисот. Јанаки Митровски, адвокат и еден од основачите на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје, вели дека правилниот модел на легализација на канабисот го елиминира црниот пазар, или го маргинализира.

„Со интенција потенцирам – правилниот модел, бидејќи несоодветните модели на легализација доведуваат до сосема спротивен ефект – пораст на црниот пазар, како на пример во Р Македонија. Но доколку се пристапи кон решавање на прашањето соодветно, црниот пазар ќе исчезне и наместо криминалците или големите бизнис интереси, бенефитот ќе го почувствуваат и граѓаните. Она за што лично како граѓанин, но и како адвокат и основач на БИЛКА се залагам/ме е модел на декриминализација/легализација на канабис кој ќе подразбира трговијата со канабис да се стави под државен патернизам, но не во апсолутна смисла. Тоа би подразбирало дека секој што исполнува услови треба да добие лиценца за одгледување на канабис, посебни правни ентитети кои ќе добијат лиценци за екстрахирање канабис за медицински цели и посебни легални ентитети кои ќе бидат диспензери во кои ќе се продава канабис за рекреативна употреба. Овој модел кој го предлагаме става акцент на микро-бизнисите со инклузија на македонските земјоделци. Ова ќе доведе до повеќекратен бенефит“, истакнува Митровски.

Од кривично-правен аспект, додава тој, уживателите на канабис кои сега се гонети како дилери за 5-10 грама канабис кој го набавиле за лична употреба нема да бидат гонети како сторители на кривични дела, што ќе доведе до тоа овие луѓе да се стигматизираат или криминализираат целосно непотребно и спротивно на нивните уставни и основни човекови права како такви загарантирани со Конвенцијата за човекови права.

„Дополнително, ваквиот пристап докажано доведува до значителен пад на употребата на т.н. тешки дроги и тоа статистиката во земјите каде што е применет полиберален модел јасно го говори. Секако, тука се и секундарните економски бенефити бидејќи органите на прогонот ќе заштедат од и онака тенките ресурси и повеќе нема да се ангажираат бројни лица за нивни прогон од овластени службени лица при МВР, преку обвинителство сè до суд, така што овие драгоцени ресурси државата ќе може да ги насочи кон гонење сериозен криминал, а не кон уживатели на канабис“, резимира адвокатот Јанаки Митровски, кој е еден од основачите на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје.

М.В